Абдилменаф Беџети, академик и редовен професор по јавни финансии и макроекономија на Универзитетот на Југоисточна Европа, е една од најцитираните адреси кога станува збор за „ладни“ и аналитички процени за економските и политичките развои во Северна Македонија. Во интервју за Kdp.mk, тој зборува за предизвиците на транзицијата, последиците од неправедната приватизација, ограничениот ефект на Охридскиот рамковен договор и перспективите на државата во процесот на европска интеграција.
Беџети има објавено шест авторски книги и повеќе од 130 научни трудови, бил министер за развој и потоа за транспорт и врски (1996–1998), а од 2018 до јули 2024 беше ректор на Универзитетот на Југоисточна Европа. Тој е полноправен член на МАНУ од 2012 година и член на Фискалниот совет на Северна Македонија од 2023.
Ретроспектива на повеќе од три децении
Запрашан да се наврати на почетоците на својата научна и јавна дејност, Беџети вели дека уште во 1994 година ја предупредувал јавноста за „етнички дизајнираната и неправедна приватизација“.
„Го анализирав монoетничкиот процес на приватизација на општествениот капитал и неговите последици. Уште тогаш укажував дека целиот процес претставуваше грабеж, со кој Македонците добиваа удели, а Албанците беа целосно исклучени,“ рече тој.
Првите негови анализи, објавени пред речиси 30 години, денес се уште појасни, вели академикот: „Она што тогаш изгледаше како предупредување, денес е реалност што ја плаќаме сите. Неправедната приватизација трајно ги продлабочи етничките и економските разлики.“
Во интервјуто, Беџети ги набројува трите клучни дискриминаторски процеси во првите години на независноста.
Прво, приватизацијата која, според него, „етнички ги елиминираше Албанците од сопственичката структура“. Второ, административниот централизам по првите локални избори, кога голем дел од надлежностите и буџетите на општините биле префрлени во централната власт.
„За политички мотиви на само три општини со доминантно албанско население – Тетово, Гостивар и Дебар – државата им ја скрати автономијата на сите 33 општини. Тоа беше свесно дизајниран политички и етнички централизам,“ вели тој.
Третата неправда, додава, била исклучувањето на Албанците од јавната администрација и отежнатиот пристап до образование на мајчин јазик, особено во високото образование.
Охридскиот рамковен договор – исполнет само на хартија
Беџети вели дека голем дел од целите на Охридскиот рамковен договор биле исполнети, но со дводецениско задоцнување и „само нормативно, а не и во пракса“.
„Епилогот го гледаме денес: двојниот механизам на гласање, албанскиот јазик, правичната застапеност и дури и децентрализацијата повторно се доведени под прашање. Тие постојани политички ‘циркуси’ се опасни за државата,“ предупредува академикот.
Сепак, тој нагласува дека контекстот на Албанците во регионот денес е „далеку посилен“ отколку пред три децении.
Според Беџети, државата останува заглавена во ниски стапки на развој.
„И по 35 години сме под 40% од просекот на ЕУ во доход, а просечниот раст од само 2% годишно не ветува подобра иднина. Главниот проблем е факторот човек и отсуството на одговорен политички профил,“ изјави тој.
Тој ги групира предизвиците во пет области: институционални и управувачки (владеење на правото и борба против корупција), интегративни (застој во процесот за ЕУ), економско-структурни (слаба продуктивност и растечки емиграции), фискални (кревок буџет и растечки јавен долг) и енергетско-еколошки (висока зависност од увоз и загадување).
Иако честопати директен во своите јавни настапи, Беџети вели дека ретко се соочувал со отворени напади – „затоа што фактите зборуваат сами“.
Сепак, се сеќава на еден инцидент од 2006 година, на конференција во МАНУ, кога неговата теза дека „албанската дијаспора ја држи економијата во живот“ предизвикала бурни реакции. „Кога ги прашав од каде доаѓаат парите за покривање на годишниот трговски дефицит од 2 милијарди евра, ако не од дијаспората, салата занеме,“ вели тој.
По завршувањето на седумгодишниот мандат како ректор на Универзитетот на Југоисточна Европа, Беџети вели дека бројките зборуваат за себе: зголемување на студентите за 30%, нови факултети, инвестиции од 1,5 милиони евра во ИТ инфраструктура и речиси двојно повисоки финансиски резерви на универзитетот.
„Не сум од оние што се самозадоволуваат. Фактите се тие – а тие говорат дека ја исполнивме мисијата,“ изјави тој.
Балансирање повеќе улоги
И покрај бројните обврски, Беџети останува активен во Академијата на науките, Фискалниот совет и банкарскиот сектор во Косово.
„Секогаш сум имал по две-три ангажмани паралелно. Со систематска работа и интегритет, се успева сѐ да се балансира,“ вели тој.
На прашањето за политички понуди, академикот е категоричен: „По 2006 година немам прифатено ниту една, иако ги имало многу – дури и за врвни извршни позиции. Сметам дека е време младите со интегритет да преземат одговорност, иако реалноста е дека ‘пазарот’ на политиката никогаш не бил толку ослабен.“

