Августовскиот барометар на корупција на Транспаренси Интернешнл Македонија откри системски пропусти во управувањето со јавните средства и недоволна политичка волја за справување со криминал, и покрај поединечни кривични постапки против поранешни директори и полициски службеници.
Извештајот „Бистро – Матно“, кој редовно ја следи состојбата со корупцијата, бележи дека најзначаен настан во август бил истекот на шестмесечниот рок што Уставниот суд му го даде на Собранието за да ги поправи спорните измени во Кривичниот законик. Измените, усвоени во септември 2023 година, ја намалија казнената политика за корупција и доведоа до застарување на предметите на поранешното Специјално јавно обвинителство. Како резултат, поранешни функционери беа ослободени од одговорност, а државата им исплаќа стотици илјади евра за адвокатски трошоци.
Во локалната власт, ново истражување на Центарот за граѓански комуникации покажа дека општините и Градот Скопје во 2024 година склучиле јавни набавки во вредност од околу 190 милиони евра. Во десетина општини, меѓу кои Желино, Врапчиште, Струмица и Липково, половина од тендерите ги добила една иста фирма – што отвора сомнежи за фаворизирање и ограничена конкуренција.
Државниот завод за ревизија во повеќе извештаи укажа на значителни слабости во управувањето со јавните ресурси. Ревизорите констатираа дека ниту еден од 48 проекти за вештачка интелигенција, финансирани со над 6 милиони евра, не е ставен во функција. „Национални шуми“ работат со долгови од 17 милиони евра и зависат од краткорочни кредити за исплата на плати, додека спортската сала „Борис Трајковски“ се соочува со нефункционални капацитети, затворен аква-парк и пропуштени можности за приходи.
Проблематична е и транспарентноста на јавниот сектор: од 1.511 институции со државен капитал, само 577 ја исполниле законската обврска да пријават службени возила во Антикорупциската комисија, и тоа дел од нив со задоцнување. Повеќе од 900 установи сè уште не ги доставиле потребните податоци. Во Битола, пак, едно лице извршувало две неспојливи јавни функции и покрај тоа што платило глоба, не се откажало од ниту една од позициите.
Иако институционалните слабости преовладуваат, месецот донесе и неколку примери на судски постапки. СВР Скопје поднесе кривична пријава против двајца поранешни директори на „Пошти на Северна Македонија“ за злоупотреба на 32.000 евра преку незаконски набавки. Јавното обвинителство обвини осум лица, меѓу кои шест полицајци, за примање поткуп и овозможување нелегален престој на странци. Внатрешната контрола при МВР, пак, покрена случај против виш полицаец од Скопје за обид за поткуп на колега на граничниот премин Долно Блаце.
Според Транспаренси Интернешнл Македонија, августовската слика ја одразува континуираната борба меѓу системската неказнивост и изолираните примери на институционална реакција. „Овој баланс сè уште е повеќе на страната на матното, што ја засилува недовербата на јавноста“, оценува организацијата.

