23.6 C
Скопје
2 август, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИРЕПУБЛИКА

Универзитетите и пазарот на трудот: Дали високото образование успева да одговори на новите потреби на економијата?

Прилагодувањето на универзитетските програми кон потребите на пазарот на трудот продолжува да биде еден од главните предизвици на високото образование во Северна Македонија. Со години, експертите во образованието и претставниците на приватниот сектор предупредуваат дека дел од студиските програми не се менуваат со исто темпо како и развојот на пазарот на трудот, кој бара сè повеќе практични вештини, технички компетенции и знаења во нови области како што се технологијата и анализата на податоци.

Соочени со овие промени, дел од универзитетите започнаа да ја прилагодуваат својата академска понуда преку креирање нови програми кои имаат за цел да одговорат на барањата на дигиталната економија.

Универзитетот на Југоисточна Европа е една од институциите која отвори нови студиски програми во оваа насока, меѓу кои и програмата „Бизнис аналитика и вештачка интелигенција“, чија цел е да ги комбинира деловните знаења со аналитичките способности и новите технологии.

Но, според деканката на Факултетот за бизнис и економија при овој универзитет, Блерта Абази, главниот предизвик останува брзината со која универзитетите се менуваат во споредба со динамиката на пазарот на трудот.

„Пазарот се менува за неколку месеци, додека универзитетите, кои се акредитирани, се менуваат со години“, вели Абази.

Таа оценува дека универзитетите имаат структурен проблем во брзото прилагодување на студиските програми, поради процедурите и барањата поврзани со акредитацијата. Сепак, според неа, тоа не значи дека високообразовните институции не преземаат чекори за да одговорат на новите потреби.

Абази посочува дека дел од универзитетите веќе креираат програми кои не само што ги адресираат актуелните барања на пазарот, туку имаат за цел и да ги предвидат професиите на иднината.

„Не сите универзитети создаваат кадри кои не одговараат на потребите на пазарот. Има универзитети, всушност повеќето универзитети, кои воведуваат нови студиски програми што се атрактивни за пазарот на трудот“, изјавува таа.

Според неа, конкретен пример се програмите во областа на бизнис аналитиката и вештачката интелигенција, кои имаат за цел да ги подготват студентите за пазар на труд каде употребата на технологијата и анализата на податоци стануваат сè поважни.

Сепак, Абази смета дека само промената на универзитетските програми не е доволна. Според неа, потребна е подлабока соработка меѓу универзитетите, бизнис-секторот и државните институции, со цел студентите да имаат повеќе можности за стекнување практично искуство за време на студиите.

Таа предлага во високото образование дополнително да се зајакнат и дуалните форми на студирање, каде што еден дел од образовниот процес би се одвивал во компании, а другиот на универзитет.

„Би било добро да се воведат дуални програми, во насока на тоа еден дел од студиите да се реализира во компании, а другиот дел на универзитетските клупи. Тоа можеби би ги намалило бариерите меѓу академската заедница и бизнис-секторот, односно пазарот на трудот“, вели Абази.

Според неа, универзитетите треба повеќе да се фокусираат на развојот на практичните и техничките вештини, бидејќи студентите имаат потреба од знаења кои можат директно да ги применат на работното место.

Абази додава дека поголемото вклучување на компаниите преку менторство и програми за практична работа ќе им овозможи на студентите да стекнат искуство уште за време на студиите и ќе го олесни нивниот премин од универзитетот кон пазарот на трудот.

Последните податоци покажуваат дека повеќе од 8.000 лица со високо образование во Северна Македонија се во потрага по работно место, додека работодавачите укажуваат на недостиг од кадри со практични и технички вештини во области како што се информатичката технологија, анализа на податоци и бизнисот.

Текстот е работен во рамки на проектот „Застапување за инклузивен развој“, финансиски поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас

Содржината на овој текст е единствена одговорност на Форум за разумни политики, ИОХН и БИРС и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија, Цивика мобилитас, или организациите што ја спроведуваат.

Related posts

Бујар Османи: Ако се чепне јазикот, Рамковниот договор престанува да важи

admin

Меџити: АА може да заврши во канџите на ДУИ

admin

Горчлив „меден месец“ на владината коалиција

admin

26 организации против Владата: Бараат итно стопирање на новите рударски концесии

admin

УАПСЕНА ПОТПРЕТСЕДАТЕЛКА НА ЕВРОПСКОТ ПАРЛАМЕНТ

ninja

Целосно затворање на Долно Блаце – Што се случува на границата со Косово?

admin