11.8 C
Скопје
13 октомври, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

„Наместо спинови, граѓаните бараат одговори“: Филипче со остри критики по пожарот во Трубарево

Четири лица се згрижени на Клиниката за токсикологија по големиот пожар во магацин за отпад во скопското село Трубарево, кој предизвика густ чад и загриженост кај жителите на главниот град. Институциите уверуваат дека загадувањето не е алармантно, но опозицијата обвинува за еколошка катастрофа и бара итна одговорност.

Министерот за здравство Азир Алиу изјави дека досега нема регистрирани пациенти со тешки симптоми како последица од пожарот и најави дека официјалните резултати од анализите на воздухот ќе бидат објавени во понеделник. „Засега нема информации дека загаденоста е на ниво што би забранило движење на отворено“, рече Алиу, додавајќи дека Министерството препорачало повозрасни лица, бремени жени и деца да бидат внимателни.

Но, лидерот на СДСМ и поранешен министер за здравство Венко Филипче побара многу построги мерки, критикувајќи ја власта за „конфузни изјави и политички спинови“. Тој повика на масовни здравствени прегледи за жителите на Трубарево и околината, лабораториски анализи на воздухот, почвата и водата, како и воспоставување поширока безбедносна зона до 2.000 метри околу депонијата. „Граѓаните имаат право да знаат што дишат и да бидат заштитени од државата. Тоа е нивно основно човеково право“, рече Филипче.

СДСМ дополнително предупреди дека над 500.000 жители на Скопје и околината се изложени на ризик од „канцероген чад“ од пожарите во Трубарево, Дрисла и Вардариште. Портпаролката Богданка Кузеска изјави дека власта „се крие зад измислени приказни за хибриден напад, додека граѓаните се гушат“.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пак, ја обвини опозицијата за лицемерие. „Претпладне СДСМ шири паника и повикува луѓето да седат дома, а попладне се сликаат во Градски парк“, соопшти партијата, додавајќи дека „пожарите очигледно се подметнати на депонии и фабрики“.

Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов претходно изјави дека постои сомнеж за хибриден напад врз Владата, поради серијата пожари што избувнаа во околината на Скопје во последните денови.

Токсикологот Андреј Беќаровски предупреди дека земјата располага со само тројца супспецијалисти-клинички токсиколози и дека ситуацијата бара „сериозен институционален капацитет кој недостига“.

Пожарот во магацинот во Трубарево беше ставен под контрола во неделата наутро, но чадењето продолжи, предизвикувајќи видлива магла над источниот дел на Скопје. Обвинителството соопшти дека ги добило првичните мерења на загадувањето и дека ќе отвори постапка за утврдување на одговорност.

 

 

Related posts

Полска бара објаснување откако поранешен министер избегал од Унгарија во САД

admin

Обвинители постапувале по првата пријава од Арсовска

admin

Светот реагира на акциите на Русија кон Украина

ninja

Германски печат: Вучиќ сонува за „великосрпско царство“

admin

Во Албанија откриена високо квалитетна нафта, ШЕЛ ги прави последните тестови

admin

Македонија гори: 10 активни пожари, сомнежи за намерно подметнување

admin