Македонската патриотска организација (МПО) треба да изгради инклузивна заедница што ќе ги обединува луѓето со заедничка македонска патриотска свест, почитувајќи ги различните етнички идентитети, изјави нејзиниот претседател Ник Стефанов на годишната конвенција во Чикаго.
„Во нашата организација постојат повеќе македонски идентитети. Имаме македоно-бугари, кои ја споделуваат идентитетската традиција на основачите. Имаме бугарски Македонци, како мене, кои се чувствуваат Македонци, но ги признаваат бугарските корени. Имаме и Македонци кои имаат строго македонска идентитетска определба, како и такви што етничноста ја ставаат на страна“, рече тој во говорот на свечената банкет-вечера.
Стефанов оцени дека подолго време различните гранки на народот биле поделени, меѓусебно си ја оспорувале легитимноста и се демонизирале. „Оваа непријателска клима, вкоренета во историјата и политиката, и денес продолжува – намалена во дијаспората, но засилена во Северна Македонија и Бугарија,“ рече тој.
Тој потсети дека поделбата на Македонија во 1913 година ги насочила луѓето кон различни патишта, но ги обединува „заедничката и патриотска македонска свест“.
„Нашите етнички припадности може да се разликуваат, но ние сепак сме еден народ. Сите ја сакаме Македонија и сакаме слободниот и независен дел од нашата татковина да биде прибежиште за секој Македонец,“ рече Стефанов, додавајќи дека визијата треба да биде Македонија како „Швајцарија на Балканот“, каде различните идентитети ќе бидат почитувани.
Тој повика да престане поделбата меѓу Македонците. „Наместо сомнеж и обвинувања, да изградиме доверба и солидарност. Да ги почитуваме предците не со поделби, туку со обединување,“ рече Стефанов.
„Обединети сме посилни. Обединети сме Македонци,“ додаде тој.
Според него, иднината мора да се гради преку мирен дијалог, заемна почит и прифаќање на плурални идентитети. „Така македонското прашање, кое со децении било извор на поделби, може да стане основа за помирување и стабилност,“ рече Стефанов, додавајќи дека оваа визија ја делат луѓе и во Северна Македонија и во Бугарија.
„Никогаш не смееме да се откажеме,“ заклучил тој.
МПО, основана во 1922 година во Форт Вејн, Индијана, е најстарата македонска организација во дијаспората која низ децении лобирала за македонското прашање во САД и пошироко, издавајќи го неделникот „Македонска Трибуна“ и собирајќи членство со различни идентитетски определби – од македоно-бугари и етнички Македонци до потомци на емигранти што се идентификуваат на различен начин. Таа денес делува како непрофитна организација што го чува културното наследство и патриотската свест на дијаспората.

