Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин само доколку може да се очекува „продуктивен самит“, без да потврди дали планираната средба е одложена.
„Не сакам да имам залуден состанок,“ рече Трамп во Овалната соба во вторник навечер, одговарајќи на новинарско прашање за наводната промена на плановите и за можната продажба на крстосувачки ракети „Томахавк“ на Украина. „Не сакам да губам време, па ќе видиме што ќе се случи,“ додаде тој.
Трамп не прецизираше дали зборува за средбата со Путин или за прашањето за продажба на ракети со долг дострел на Украина, но најави дека ќе даде нови информации во следните два дена.
Белата куќа претходно соопшти дека нема непосредни планови за средба меѓу Трамп и Путин.
Американскиот претседател повтори дека смета оти „фронтовите во Украина треба да бидат замрзнати“ како дел од напорите за прекин на конфликтот.
Неколку американски медиуми претходно објавија дека планираната средба во Будимпешта станува сè понеизвесна.
Трамп минатата недела изјави дека сака да се сретне со Путин во унгарската престолнина за да разговараат за војната во Украина, без да прецизира датум, но спомена дека тоа би можело да се случи „во следните две недели“.

