Европската унија го одобри второто ослободување на средства за Северна Македонија преку Инструментот за реформи и раст за Западен Балкан, во вкупен износ од 16 милиони евра, соопшти Министерството за европски прашања.
Средствата претставуваат комбинирана поддршка – дел неповратна помош, дел заем. Од нив, 7,4 милиони евра ќе бидат префрлени директно во државниот буџет, додека остатокот ќе се користи за инфраструктурни проекти преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF).
Европската комисија оценила дека Северна Македонија ги исполнува општите услови за доделување на средствата, кои се однесуваат на демократското владеење, владеењето на правото, макроекономската стабилност и управувањето со јавните финансии.
Според Министерството, ЕК ја разгледала имплементацијата на Реформската агенда 2024–2027, со рок на реализација до јуни 2025 година. Од 16 предвидени чекори, земјата пријавила девет како исполнети, а Комисијата оценила дека четири од нив се задоволително реализирани – три во областа на дигитализацијата и еден во делот на деловната средина.
Меѓу нив се усвојувањето на закон за безбедност на мрежи и информациски системи, закон за електронски документи и електронска идентификација, со кој се воведува европски дигитален идентитет, како и закон за архивски материјал кој поставува рамка за електронско архивирање во јавната администрација.
За дел од мерките кои не се целосно спроведени, Европската комисија дала продолжен рок до јуни 2026 година.
Инструментот за реформи и раст има за цел да го забрза приближувањето на земјите од Западен Балкан кон ЕУ и да им овозможи на граѓаните да ги почувствуваат придобивките пред полноправното членство, како што е интеграцијата во Единствената област за плаќања во евра (СЕПА).

