Пишува: Драган Тилев
Myopia (кусогледост) за локалните прашања не е добра состојба, не носи кон погрешни одлуки, но последиците се сепак само локални.
Myopia на државно ниво е посериозен дефицит кој при донесувањето на важни политички одлуки може да не “фрли” на погрешен колосек или уште полошо, во спротивна насока.
Myopia пак на регионално ниво не прави неконкурентни во однос на нашето окружување, што секако ќе резултира со продлабочување на економскиот јаз и општа ерозија и одлив на млад и способен кадар, и тоа не во ЕУ, туку токму кај регионалните конкуренти.
Но, myopia во однос на нашите геостратешки цели и геополитичките движења е опасно, и може многу лесно да ја втурне државата не само во колективна фрустрација, туку и во политичка ерозија и егзистенцијална економска криза на среден рок.
Држава сме, ќе не биде, но ќе мора што поскоро да ставиме политички очила со соодветна диоптрија. Очилата може да ни го подобрат видот, но и да не заштитат и од прашинкастите коментари кои ги слушам деновиве, а ги имаше многу. Мој коментар на коментарите. ЕУ нема да се распадне, ќе се реформира, процесот е во тек, за оние што следат. Проширувањето нема да застане, напротив, ќе се забрза, за оние што разбираат. Времето е фактор што ги диктира одлуките, за оние кои и мислат добро на Македонија. Само коректните и навремени одлуки се добри одлуки.
Од Октомври 2024, кога Албанија го отвори кластерот фундаменти, таа веќе не остави еден гоолем чекор зад нив. Денеска со отворањето на последниот кластер, Албанија не остави големи шест чекори зад нив.
Честитки за Албанија, секоја чест. Тоа е одлично за нив, но не можам со искреност да кажам дека е добро за нас. Тоа едноставно не е точно. Наш стратешки интерес бил и според мене мора да остане, Македонија во ЕУ пред или заедно со Албанија и Србија. Се друго за нас е геополитички пораз.
Би било хипокризија доколку на секој што ќе не “претекне” на патот кон ЕУ само му честитаме и си продолжиме по старо. Не можам да прифатам дека сите со кои тргнавме рака под рака кон ЕУ, прво Словенија, Бугарија, потоа Хрватска, или оние пред кои бевме најмалку деценија во предност, Црна Гора, сега и Албанија, се подобри од нас. Мора да си признаеме, не е само “до ЕУ”, сепак е и до нас.
Колку побрзо си признаеме, ќе почнеме, се надевам, колективно потемелно и посериозно да креираме излезни решенија. Се наталожија многу грешки изминативе години, но тоа е реалноста со која политичарите, и ние со нив мора да се соочиме. Друг излез нема. Да не губиме време со полни очи прашина, чувството не е пријатно.

