Вториот круг од локалните избори во Северна Македонија им понуди на гласачите вистински политички избор, а кампањата беше конкурентна во повеќето општини, но не сите кандидати имаа еднакви услови за натпреварување, соопштија во вторник меѓународните набљудувачи од Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ (ОДИХР).
Во извештајот се наведува дека продолженото учество на владини функционери во кампањата, како и постојаните обвинувања за притисоци врз гласачите и купување гласови, предизвикале загриженост меѓу набљудувачите.
„Вториот круг на изборите за градоначалници се одржа на уреден начин и кампањата остана конкурентна, но не сите кандидати уживаа еднакви услови,“ изјави шефот на мисијата на ОДИХР, Матео Мекачи. „Иако правната рамка обезбедува техничка основа за демократски избори, сè уште постојат бројни недоследности и празнини, особено во делот на изборната администрација, медиумскиот пристап и решавањето на изборните спорови.“
Изборниот процес во вториот круг, кој се одржа на 19 октомври во општините каде што ниту еден кандидат не освои апсолутно мнозинство во првиот круг, беше оценет како организиран и професионален. Изборната администрација, според извештајот, ужива високо ниво на доверба кај јавноста. Сепак, набљудувачите изразија загриженост поради честото следење на гласачите на денот на изборите.
ОДИХР забележа дека изборната комисија групирала дел од приговорите наместо да ги разгледува поединечно, а нејзиниот премногу формалистички пристап го ограничил опсегот на истрагата во одредени случаи. Ова, според мисијата, отвора прашања за правото на ефективна жалба и фер постапка. Позитивно е што надлежниот суд ги разгледал жалбите темелно и транспарентно, во јавни седници.
Основните слободи на изразување, здружување и собрање биле почитувани, а кандидатите можеле слободно да ја водат својата кампања. Но, за разлика од првиот круг, тонот на кампањата бил посмирен, иако со неколку случаи на лични напади меѓу кандидатите и партиските лидери. Продолженото присуство на владини функционери во кампањата, според извештајот, во некои случаи ја замаглило линијата меѓу државата и партијата.
ОДИХР укажува дека обвинувањата за притисоци врз јавните службеници и гласачите, како и бројните случаи на наводно купување гласови, остануваат сериозен проблем.
Финансиската транспарентност на кампањата, особено во вториот круг, останала ограничена, а институциите задолжени за надзор не покренале постапки против кандидатите кои не ги исполниле законските обврски за известување по првиот круг. Тоа, според набљудувачите, ја намалило довербата на јавноста во изборниот процес.
Медиумското известување во информативните програми на сите следени радиодифузери било генерално неутрално, но распределбата на државните средства за политичко рекламирање и медиумско време се вршела според истата формула како во првиот круг, што ги ставило независните и вонпарламентарните кандидати во неповолна положба.
Неколку кандидати, исто така, изразиле загриженост поради манипулативни наративи и запаливи содржини на социјалните мрежи.
Мисијата на ОДИХР за набљудување на локалните избори во Северна Македонија беше отворена на 5 септември и ќе остане во земјата до 12 ноември.

