Европската комисија во вторник го усвои Годишниот пакет за проширување за 2025 година, со кој ја оцени реформската динамика на земјите-кандидати и потенцијалните кандидати.
Доколу се потврдува дека ентузијазмот за ново проширување на Европската унија останува висок, но предупредува дека темпото на интеграција ќе зависи исклучиво од „заслугите и реформите“ на секоја држава поединечно.
Вон дер Лајен: Поголема Унија значи посилна Европа
„Посветени сме повеќе од кога било на остварување на проширувањето,“ изјави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен. „Но тоа е процес заснован на заслуги. Понудата за пристапување во ЕУ е ветување за мир, просперитет и солидарност. Со вистински реформи и силна политичка волја, нашите партнери можат да ја искористат оваа можност.“
Пакетот предвидува конкретни препораки за реформите во областа на владеењето на правото, демократијата и човековите права, како и насоки за постепена интеграција во Единствениот пазар пред формалното членство.
Напредок во Црна Гора и Албанија
Црна Гора, која затвори четири преговарачки поглавја во изминатата година, е најнапредната земја во регионот. Комисијата очекува преговорите да бидат затворени до крајот на 2026 година, доколку темпото на реформите се задржи.
Албанија, со отворени четири кластери и значителен напредок во борбата против организираниот криминал и корупцијата, може да ги заврши преговорите до 2027 година, доколку одржи стабилен реформски ритам и политички дијалог.
Украина и Молдавија ја забрзуваат интеграцијата
И покрај војната, Украина ја заврши фазата на скрининг и усвои планови за владеење на правото, малцинствата и јавната администрација. Европската комисија очекува отворање на сите преговарачки кластери до крајот на годината и поддржува целта Киев да ги затвори преговорите до 2028 година.
Молдавија, која се соочува со хибридни закани, бележи сличен напредок и веќе ја одржа првата ЕУ–Молдавија конференција. Владата во Кишињев има за цел привремено затворање на преговорите до почетокот на 2028 година.
Србија во застој, Северна Македонија со услови
Според Комисијата, Србија се соочува со „длабока поларизација“ и забавени реформи по протестите што траат од крајот на 2024 година. Загриженоста се однесува на недостаток на отчетност, злоупотреба на сила и ограничување на медиумските слободи. Комисијата бара итно обновување на реформите во правосудството и слободата на изразување.
Северна Македонија, пак, продолжи со работата на плановите за владеење на правото и реформата на јавната администрација, но ѝ се препорачува „брзо и решително“ исполнување на условите за отворање на првиот кластер на преговори. ЕК нагласува дека земјата мора да ги усвои уставните измени со вклучување на Бугарите во преамбулата, согласно обврските преземени во 2022 година.
Босна и Херцеговина и Косово под лупа
Во Босна и Херцеговина, политичката криза во Република Српска го забави процесот на приближување. Реформите се ограничени на заштита на податоци и гранична контрола, но поднесувањето на Агендата за реформи во септември се смета за позитивен сигнал.
Во Косово, одложеното формирање институции по февруарските избори го забави реформскиот напредок. Брисел ја повикува Приштина на поголема соработка меѓу партиите и продолжување на дијалогот со Србија, кој останува „клучен елемент“ на европската перспектива.
Турција и Грузија – застој и назадување
Преговорите со Турција остануваат во застој од 2018 година. ЕУ забележува влошување на демократските стандарди, независноста на судството и човековите права. Иако соработката продолжува во безбедносни и миграциски прашања, Брисел бара конкретен напредок во демократијата.
Грузија, пак, според Комисијата, се соочува со „сериозно демократско назадување“. Ограничувањето на граѓанскиот простор и слободата на изразување ја ставија земјата во категоријата „кандидат само по име“, со барање до властите во Тбилиси итно да го сменат курсот.
Калас: Прозорецот за проширување е сега
„Процесот на проширување се движи побрзо отколку во последните 15 години, но не смееме да го изгубиме моментумот,“ рече шефицата за надворешна политика Кaja Калас. „Нови земји што ќе се приклучат до 2030 година е реална цел.“
Проширувањето останува клучен инструмент на ЕУ за стабилност, економски развој и безбедност. Новите фондови — вклучувајќи го Планот за раст на Западен Балкан од 6 милијарди евра и Инструментот за Украина од 50 милијарди евра — имаат цел да ги засилат реформите и да ја подготват регионот за членство.
Со секое проширување, велат од Комисијата, Унијата станува „посилна, побогата и подемократска“. Но предупредуваат дека нема кратенки: „Само оние што ќе ги спроведат реформите ќе ја отворат вратата кон членството.“

