Рускиот извоз на природен гас кон Европа преку гасоводи се намали за 44% во 2025 година, достигнувајќи најниско ниво од средината на 1970-тите, по затворањето на украинската транзитна рута и во услови на постепено повлекување на Европската унија од увоз на руски фосилни горива, покажуваат пресметките на Reuters.
ЕУ соопшти дека ќе престане со увоз на руски гас до крајот на 2027 година, како дел од напорите за намалување на енергетската зависност од Москва и ограничување на приходите што Русија може да ги користи за воената кампања во Украина.
Според податоците на европската асоцијација на оператори на гасни преносни системи ENTSOG, испораките на „Газпром“ кон Европа годинава изнесувале околу 18 милијарди кубни метри (bcm), и биле реализирани исклучиво преку подморскиот гасовод „Турски тек“.
Тоа е најниско ниво на испораки од почетокот на 1970-тите. За споредба, Советскиот Сојуз во 1975 година испорачал 19,3 bcm гас во Европа, покажуваат податоците на „Газпром“.
Русија претходно ја користеше Европа како најголем извор на буџетски приходи од продажбата на нафта и гас, со извоз што достигнуваше над 175–180 bcm годишно во 2018 и 2019 година, носејќи приходи од десетици милијарди долари за „Газпром“ и руската држава, која има контролен удел во компанијата.
„Турски тек“ останува единствената преостаната транзитна рута за руски гас кон Европа, откако Украина одлучи да не го продолжи петгодишниот договор за транзит со Москва, кој истече на 1 јануари.
Гас преку „Турски тек“ примаат Србија, Унгарија и Словачка, покрај Турција. Русија, исто така, извезува гас во Европа во течна форма (LNG) преку танкери и останува втор најголем снабдувач на ЕУ, по Соединетите Држави.
Во декември, испораките преку „Турски тек“ кон Европа се зголемиле за 12,9% на годишна основа, на околу 56 милиони кубни метри дневно, и биле за 3% повисоки во однос на ноември, покажуваат податоците.
Вкупните испораки преку „Турски тек“ кон Европа годинава пораснале за околу 7% во споредба со 2024 година, на 16,8 bcm. Заедно со украинската рута, извозот во 2024 година изнесувал 32 bcm, што претставува раст од 13% во однос на 2023 година.
Извозот на „Газпром“ кон Турција останува стабилен и изнесува околу 20 bcm годишно.
Намалувањето на рускиот гасен извоз има директни импликации за Балканот, особено за земјите кои и натаму зависат од испораките преку „Турски тек“. Србија, Унгарија и Словачка остануваат клучни корисници на оваа рута, додека земјите од Западен Балкан, вклучително и Северна Македонија, внимателно ја следат стабилноста на снабдувањето и ценовните движења. Аналитичарите велат дека дополнителното намалување на испораките или заострување на санкциите би можело да го зголеми притисокот врз регионалните енергетски пазари и да ги забрза напорите за диверзификација, вклучително и преку интерконектори со Грција и зголемена употреба на течен природен гас (LNG).

