Војната на Русија против Украина најверојатно ќе заврши следната година, и тоа под услови кои ќе бидат сериозно неповолни за Киев, оценува Џејми Детмер, уредник за мислења и колумнист за надворешна политика на POLITICO Europe.
Како клучна причина за ваквата проценка, авторот го наведува неуспехот на Европската унија минатата недела да постигне договор за користење на замрзнатите руски средства — околу 210 милијарди евра — за финансирање на украинските воени и буџетски потреби.
Предлогот за т.н. „заем за репарации“, кој требаше да ги рециклира средствата што главно се замрзнати во клириншка банка во Белгија, пропадна поради правните резерви на Брисел, како и неподготвеноста на францускиот претседател Емануел Макрон и италијанската премиерка Џорџа Мелони да му се приклучат на германскиот канцелар Фридрих Мерц во поддршката на иницијативата, наведува Детмер.
И покрај тоа, ЕУ сепак се согласи да ѝ обезбеди значаен финансиски пакет на Украина, преку заедничко задолжување од 90 милијарди евра на капиталните пазари, обезбедено со буџетот на Унијата и одобренo како заем без камата.
Сепак, според анализата, овој износ ќе се исплаќа во период од две години и нема да биде доволен за да ја одржи Украина финансиски стабилна и воено способна. Проекциите на Меѓународниот монетарен фонд покажуваат дека, поради намалувањето на американската финансиска поддршка, буџетскиот јаз на Украина во следните две години би можел да достигне околу 160 милијарди долари.
„Едноставно кажано, Украина ќе има потреба од многу повеќе средства од Европа — а тоа ќе биде сè потешко за Унијата да го обезбеди“, пишува Детмер.
Иако некои европски лидери ја оценија постигнатата спогодба како успех, финскиот претседател Александер Стуб истакна дека замрзнатите руски средства ќе останат блокирани и дека ЕУ го задржува правото тие да се искористат за отплата на заемот по завршувањето на војната.
Но, според коментаторот, ваквиот оптимизам може да биде прерано изразен, бидејќи сè ќе зависи од условите под кои ќе заврши конфликтот.
Дополнителен проблем претставува фактот што Унгарија, Словачка и Чешка веќе се изземаа од заедничкото задолжување, а можно е и други земји да го следат нивниот пример, особено со оглед на тоа што 2027 година ќе биде изборна година за Франција и Германија. Во меѓувреме, се додава, САД под водство на претседателот Доналд Трамп не се очекува да обезбедат дополнителна финансиска поддршка.
Белгискиот премиер Барт де Вевер го опиша договорот постигнат по речиси 17 часа преговори како „победа за Украина, победа за финансиската стабилност и победа за ЕУ“. Но, Детмер смета дека рускиот претседател Владимир Путин веројатно ќе го протолкува исходот поинаку.
Како што претходно предупреди украинскиот претседател Володимир Зеленски, доколку Кремљ верува дека Украина може да издржи уште неколку години, мотивацијата за продолжување на војната значително би ослабела. Неуспехот на ЕУ, заклучува авторот, испраќа спротивна порака — дека времето работи во корист на Москва.

