Поранешниот вицепремиер Артан Груби во понеделникот беше изведен пред судија на претходна постапка во Кривичен суд Скопје, откако претходно даде исказ во Јавно обвинителство во рамки на истрагата за случајот со Државна лотарија, соопштија судски и обвинителски извори.
Груби, кој беше вицепремиер и министер за односи меѓу заедниците, е осомничен за проневера поврзана со набавка на ВЛТ-апарати во вредност од околу осум милиони евра. Тој беше уапсен претходно во текот на денот на граничниот премин Блаце и префрлен во притворското одделение во Шуто Оризари, по што беше спроведен на распит.
Според обвинителството, Груби е осомничен заедно со поранешниот директор на Државна лотарија, Перпарим Бајрами, за наводни злоупотреби при спроведување на јавна набавка за терминали за видео-лотариски игри.
Груби претходно се бараше со меѓународна потерница и му беше определен 30-дневен притвор во отсуство. Обвинителските власти соопштија дека истрагата за предметот е завршена и дека се чекала негова екстрадиција за да продолжи постапката.
Судијата на претходна постапка треба да одлучи за натамошните мерки за обезбедување на присуство на осомничениот во текот на кривичната постапка.

