27.1 C
Скопје
7 август, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАСВЕТ

Битката за чиповите се вжештува: Трамп воведува нова царина, Пекинг најавува одговор

Американскиот претседател Доналд Трамп потпиша извршна наредба со која се воведува царина од 15% за увезени производи направени од полисилициум, материјал од стратешко значење за производството на полупроводници и соларни панели, во обид да ја намали зависноста на САД од Кина.

Мерките, кои треба да стапат во сила во декември, предвидуваат и минимални увозни цени за полисилициумот и сродните производи. Одлуката следува по истрага за националната безбедност поврзана со производството на материјалот во странство.

Кина е убедливо најголемиот светски производител на полисилициум, а Вашингтон се обидува да го зајакне домашниот синџир на снабдување со материјали неопходни за напредната електроника, соларната индустрија и дел од воената опрема.

Трамп рече дека ги прифатил препораките на секретарот за трговија Хауард Лутник за воведување минимални увозни цени и царина од 15%. Администрацијата планира и стимулации за зголемување на домашното производство.

Според податоците наведени во наредбата, уделот на САД во глобалното производство на полисилициум паднал од околу 50% во 2005 година на помалку од 2% во 2024 година.

Од мерките би можеле да имаат корист американските производители Hemlock Semiconductor и Wacker Chemie, кои се меѓу главните производители на полисилициум во САД.

Кинеската амбасада во Вашингтон соопшти дека американската мерка „сериозно ја нарушува“ трговијата меѓу двете земји и најави дека Пекинг ќе преземе чекори за заштита на кинеските компании.

Кина го обвини Вашингтон дека ја користи државната моќ против кинеските компании и порача дека протекционизмот нема да ја направи американската економија поконкурентна.

Новата царина доаѓа во период на засилена технолошка конкуренција меѓу двете најголеми светски економии. Полупроводниците се во центарот на трката за развој на вештачката интелигенција, додека Вашингтон во последниот период воведе и други ограничувања за увоз на кинески технолошки производи.

Пекинг, од своја страна, оваа недела најави построги контроли на извозот на беспилотни летала и започна национална безбедносна проверка на увезени печатачи и фотокопири.

Потегот со полисилициумот дополнително ја проширува американско-кинеската трговска конфронтација од класичните царини кон борба за контрола врз суровините и технологиите од кои зависат чиповите, вештачката интелигенција и енергетската транзиција.

 

Related posts

Нови авионски линии, Скопје повторно поврзано со Келн

admin

Кос: Албанија напредува брзо, до 2030 може да стане членка на ЕУ

admin

Независност 32 години: Каде бевме, до каде стигнавме?

admin

ЕВРОПСКИОТ ПАРЛАМЕНТ ЈА РАЗРЕШИ ПОТПРЕТСЕДАТЕЛКАТА ЕВА КАИЛИ

ninja

СДСМ: Мицкоски им порача на граѓаните да се подготват за „маратон на сиромаштијата“

admin

Кос: Нема гаранции дека нема да има нови блокади за Северна Македонија дури и по уставните измени

admin