Во Собранието денес продолжи седницата на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот по претставката на родителите на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Родителите бараат трагедијата да се третира како повреда на човековите права и да се спроведе брза и темелна истрага.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ побараа изземање на претседателот на комисијата, Димитар Апасиев, оценувајќи дека не може да гарантира непристрасност, но тој го одби барањето.
На седницата присуствуваат премиерот Христијан Мицкоски, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и претседателот на Собранието Африм Гаши.
Комисијата, свикана од Апасиев, ја разгледува претставката на здружението „16 март 2025 Кочани“ за пожарот во кој загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени пред девет месеци.
Родителите бараат „вистинска правда“
Марија Петрушова, мајка на една од жртвите, изјави дека трагедијата е резултат на системски пропусти и предупреди дека институциите сослушале само поранешни, но не и актуелни функционери. Таа побара случајот да се третира како сериозна повреда на правото на живот.
„Ова не е политика, ова е борба за живот. Државата мора да ја исправи неправдата“, рече Петрушова, додавајќи дека родителите и по еден месец немаат одговор од Владата за барањето за институционална еднократна помош.
ВМРО-ДПМНЕ ја критикува работата на комисијата
Пратеничката Иванка Василевска предупреди дека сведочењата пред комисијата немаат правна тежина за покренување одговорност и обвини дека процесот може да се искористи за „нечие изземање од вина“. Таа повтори дека Апасиев е пристрасен поради неговите јавни коментари за обвинението.
Апасиев ја отфрли критиката и рече дека писмото од јавниот обвинител Љупчо Коцевски, кој оцени дека нова анкетна комисија е непотребна во овој момент, не се однесува на постојаната комисија што тој ја води.
Во Собранието паралелно е формирана и друга анкетна комисија која ќе ги утврдува околностите околу повеќе трагедии: пожарот во Кочани, пожарот во модуларната болница во Тетово, несреќата со автобусот „Беса Транс“ и сообраќајката кај Ласкарци.
Судскиот процес продолжува
Во Основниот кривичен суд Скопје продолжува судењето за пожарот во „Пулс“. Обвинети се 35 лица и три фирми за „предизвикување тешки дела против општата сигурност“.
Меѓу обвинетите се поранешните министри за економија Крешник Бектеши и Ваљон Сарачини, еден државен секретар, повеќе службеници од Министерството за економија, актуелниот министер без ресор Шабан Салиу, поранешни директори на Дирекцијата за заштита и спасување и локални инспектори.
На последното рочиште сите обвинети се изјаснија дека не се виновни.
Обвинителот Борче Јанев изјави дека трагедијата е резултат на „низа поврзани пропусти“ и не може да се смета за случаен настан. Според обвинението, еден од осомничените наводно примил поткуп за издавање лажни дозволи за работа на дискотеката.

