Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски изјави дека одлуката на Соединетите Американски Држави се однесува исклучиво на привремена пауза во постапките за иселенички визи и дека сите други категории визи остануваат непроменети.
„Не станува збор за прекин, ниту за црна листа, туку за пауза поврзана со иселеничките визи. Сите останати визни постапки – студентски, бизнис и туристички – продолжуваат без ограничувања“, рече Муцунски.
Тој нагласи дека студентите кои планираат студии во САД, како и учесниците во програмата „Work and Travel“, како и бизнисмените и туристите, можат слободно да аплицираат за визи.
Муцунски додаде дека Македонија има одлична соработка со САД и изрази уверување дека во координација со американските власти ќе се најде решение за иселеничките визи.
„Очекувам во наредните шест месеци јавноста позитивно да се изненади од визната политика на САД кон нашата земја“, изјави министерот.

