Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) денеска одржува отчетен конгрес на кој раководството ќе се соочи со последиците од лошиот резултат на последните локални избори и со растечките внатрепартиски тензии што ја разнишаа партијата во изминатите месеци.
Конгресот, според партиски извори на Дојче Веле (ДВ), ќе се одвива во отворен и затворен дел. Во јавниот дел, актуелниот претседател Венко Филипче ќе има воведен и поздравен говор пред делегатите, по што следува затворена седница на која генералниот секретар и шеф на изборниот штаб, Александар Саша Димитријевиќ, ќе го презентира извештајот за изборниот процес и резултатите. Делегатите ќе гласаат и за доверба на Централниот и Надзорниот одбор, како и за статутарни измени што треба да овозможат воспоставување нови дигитални платформи за комуникација со членството и гласачите.
Иако конгресот формално е отчетен, тој се одржува во атмосфера на отворени несогласувања и јавни критики кон партиското раководство, поттикнати од изборните порази и слабата позиција на СДСМ во последните неколку изборни циклуси.
Критики кон лидерството
Филипче во изминатите денови беше мета на критики од поранешни високи функционери и влијателни членови на партијата, меѓу кои и екс градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, и поранешниот директор на ТИРЗ, Јован Деспотовски. И двајцата јавно побараа промени во раководството, оценувајќи дека СДСМ ја губи политичката насока и довербата кај гласачите.
Филипче, сепак, изјави дека не очекува тензии на самиот конгрес и дека дебатата треба да се води во рамките на партиските органи.
„Очекувам дискусија и реални критики од делегатите. Конгресот е вистинското место за тоа. Не очекувам тензии, туку сериозна и отворена дебата“, изјави Филипче за ДВ.
Тој најави дека по конгресот ќе следи засилена активност на терен и во општинските организации, обвинувајќи ја актуелната власт дека не нуди политики што суштински го подобруваат животот на граѓаните.
Закани за бунт, деманти за раскол
Шилегов и Деспотовски не се меѓу 740-те поканети делегати на конгресот. Во јавни настапи тие најавија можно продлабочување на бунтот против раководството, а Шилегов тврдеше дека на незадоволните би можеле да им се приклучат и дел од актуелните пратеници на СДСМ.
„Кога дел од пратениците ќе излезат од партијата, кога општинските раководства ќе ви ги затворат вратите, тогаш ќе сфатите дека мора да си заминете“, порача Шилегов во неодамнешен настап, директно адресирајќи го Филипче.
Од пратеничката група на СДСМ, која брои 15 пратеници, ваквите најави ги отфрлаат. Неколку пратеници во разговор за ДВ, под услов на анонимност, ги оценија тврдењата за можен раскол како „неосновани“ и „глупост“.
„Пратеничката група е компактна. И покрај разликите околу одредени прашања, нашето место е во СДСМ. Ова се најлојалните социјалдемократи“, рече еден од нив.
Сличен став изнесе и пратеничката и потпретседателка на СДСМ, Јована Тренчевска, која оцени дека приказните за разединетост се политички конструкции.
„Нема раскол меѓу пратениците. Сите ќе бидеме на конгресот. Кога во пратеничката група се и претседателот и потпретседателот на СДСМ, апсурдно е да се зборува за немање координација“, изјави Тренчевска, повикувајќи критиките да се искажат на конгресот, а не преку социјалните мрежи.
Историски паралели и неизвесна консолидација
СДСМ и во минатото поминувал низ длабоки внатрепартиски кризи. По оставката на премиерот Хари Костов во 2004 година, партијата влезе во период на турбуленции што заврши со изборот на Владо Бучковски за лидер и премиер. Сличен судир се случи и во 2006 година, кога по вонреден конгрес Бучковски беше заменет од Радмила Шекеринска.
Политичките аналитичари сметаат дека иако актуелните тензии се сериозни, тие тешко дека ќе доведат до брз пресврт.
Сефер Селими од „Democracy Lab“ оценува дека Филипче, барем засега, ќе успее да остане на чело на партијата, но дека внатрепартиските поделби нема да исчезнат.
„Овој конгрес ќе ги разгори дебатите, но тешко дека ќе донесе изненадување во однос на раководството. Поделбите веројатно ќе се продлабочуваат“, изјави Селими, додавајќи дека раководството мора да покаже поголема отвореност кон критиките.
„Игнорирањето на незадоволството само ќе ги продлабочи поделбите и ќе ја ослабне партијата на подолг рок“, предупреди тој.
Поранешни лидери меѓу поканетите
На конгресот се поканети и поранешните лидери на СДСМ, Зоран Заев и Владо Бучковски. Поранешниот претседател Бранко Црвенковски не е поканет, бидејќи го има замрзнато членството во партијата.
И покрај растечките притисоци од дел од членството, очекувањата се дека Венко Филипче и по конгресот ќе остане претседател на СДСМ – но со партија која и понатаму ќе се соочува со сериозен предизвик: дали ќе успее да ги консолидира редовите и да се позиционира како кредибилна опозиција во периодот што следи.

