Европската унија подготвува нов закон за заострување на контролата врз технолошките добавувачи кои претставуваат ризик за кибер-безбедноста, но предлогот веќе наидува на отпор кај земјите членки, уште пред неговото официјално претставување, велат европски функционери и извори запознаени со процесот.
Европската комисија овој месец треба да го претстави новиот регулаторен пакет за кибер-безбедност, кој ќе ѝ даде на владите пошироки овластувања да забранат „недоверливи“ технолошки компании од делови на пазарот на ЕУ. Мерките се очекува првенствено да се насочат кон кинески компании во сектори како телекомуникации, поврзани возила, соларна енергија, опрема за надзор и безбедносни скенери.
Иницијативата е дел од пошироките напори на ЕУ да го заштити својот пазар од економска принуда, нелојална конкуренција и ризици поврзани со сајбер-безбедноста и заштитата на податоците, особено во односите со Кина.
Сепак, Брисел се соочува со отпор од европските престолнини, кои се воздржани да ѝ дозволат на Европската комисија водечка улога во безбедносната политика — област што традиционално е во надлежност на националните влади.
Поради несогласувањата, објавувањето на предлогот беше одложено и сега е закажано за 20 јануари, наместо првично планираниот термин на средината на месецот, велат извори.
Претходниот обид на ЕУ да ги намали зависностите од кинеските добавувачи Huawei и ZTE во 5G-мрежите, започнат во 2020 година, покажа колку е тешко да се усогласи заеднички пристап. Иако земјите членки беа повикани да ги ограничат или исклучат високоризичните добавувачи, спроведувањето остана нерамномерно поради страв од економски последици и одмазда од Пекинг.
Новиот предлог претставува ревизија на Законот за кибер-безбедност од 2019 година и се очекува да вклучи таканаречен „алатник за ИКТ синџирите на снабдување“, кој ќе им даде насоки на националните власти како да управуваат со ризиците поврзани со чувствителна технологија.
За разлика од 5G-алатникот, новиот пристап ќе опфати поширок спектар на индустрии и критична инфраструктура, вклучувајќи поврзани автомобили, соларна и ветерна енергија и медицински уреди.
Некои европратеници и безбедносни експерти предупредуваат дека доминацијата на кинеските компании во чувствителни сегменти претставува растечки безбедносен ризик. „Ова одамна е задоцнето“, изјави холандскиот европратеник Барт Гротхајс, нагласувајќи дека прашањето не е само безбедносно, туку и економско и конкурентско.
Од кинеската бизнис-заедница во Европа реагираа дека регулативата мора да биде технички неутрална и заснована на докази. „Ризикот не смее да се поврзува со потеклото на компаниите“, изјави Линлин Лијанг од Кинеската стопанска комора во ЕУ, предупредувајќи дека ограничувањата би можеле да создадат правна несигурност и да ги обесхрабрат инвестициите.
И покрај притисоците за заедничка европска акција, некои земји членки, вклучително и Чешка, предупредуваат дека националната безбедност мора да остане во доменот на државите. Други, како Полска, предлагаат компромисни решенија, како заедничка листа на високоризични добавувачи, без целосно префрлање на надлежностите во Брисел.
Аналитичарите предупредуваат дека ако новата регулатива заврши како уште еден доброволен механизам без силно спроведување, ЕУ ризикува да ги повтори слабостите од 5G-политиката и да не успее да ги намали стратешките зависности од чувствителна странска технологија.

