22.9 C
Скопје
23 јуни, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Лидерска средба: Маса за консензус, со разни теми на „менито

На лидерската средба секој од учесниците може да покрене точки за кои што смета дека се значајни. Таму ќе бидат претставници на сите партии кои имаат пратенички групи, освен СДСМ, која одби учество.

 

Пишува: Катарина Блажевска

Извор: Дојче Веле 

 

Реформските закони од правосудството, изборот на народен правобранител, Изборниот законик, укинување на техничката влада, но и други прашања што ќе бидат предложени од учесниците – ќе бидат „на масата” на денешната лидерска средба иницирана од премиерот Христијан Мицкоски. Средбата ќе се одржи денеска (14.01) во Клубот на пратениците во Скопје во 14 часот.

За неа до вчера се кршеа копјата – кој ќе присуствува, кој не. Откако и ДУИ синоќа го потврди присуството, извесно е дека на средбата ќе бидат присутни претставници на сите релевантни партии кои имаат пратенички групи, со исклучок на СДСМ.

„Сите што ќе одат на средба со Мицкоски го легитимираат криминалот и корупцијата на тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ, анти-ЕУ кампањата на власта за изолација на земјата, планот за предвремени избори што ги имаат веќе договорено, без основни услови да бидат фер и демократски“, обвинија Социјалдемократите.

Посочуваат дека коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ не сака техничка влада, зашто во неа министер од опозицијата ќе има увид во сите документи и злоупотреби.

„Од тоа се плаши тендер коалицијата. Не сакаат техничка влада, затоа што тоа ќе значи отворање на пандорината кутија на криминалните тендери. Без техничка влада не може да има праведни избори, нема контролен механизам и нема фер избори и затоа мора да остане”, велат од СДСМ.

„Не“ за предвремени избори

Социјалдемократите во изминатите денови тврдеа дека на Мицкоски не му треба дијалог, туку „смислено сценарио за распишување на веќе договорени предвремени избори, а потоа мигранти за пари”.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и вицепремиер Александар Николоски уште еднаш ја отфрли можноста за предвремени парламентарни избори.

„Ние сме јасни – парламентарните избори ќе има во 2028 година, кога е времето за парламентарни избори. Ние, ако сакаме да има предвремени парламентарни избори, имаме доволен број пратеници сами да си ги изгласаме. Така што ова е една измислена тема која повторно покажува слабост кај СДСМ“, рече Николоски на ТВ Сител.

ДУИ му даде ексклузивна надлежност на Ахмети

За разлика од СДСМ, ДУИ одлучи да биде присутна на средбата и тоа го оцени како израз на партиска одговорност и државотворност. Од Мала Речица потенцираат дека Генералниот совет на ДУИ со целосен консензус донел одлука партискиот претседател Али Ахмети да учествува на лидерската средба.

„Со тоа уште еднаш се потврдува дека ДУИ останува сериозна, одговорна и државотворна политичка партија, која континуирано го негува политичкиот дијалог и се залага за градење консензус околу клучните политички и економски прашања во земјата“, се вели во партиското соопштение.

Оттаму не откриваат кои ќе бидат ставовите на Ахмети на лидерската средба, но велат дека е негово ексклузивно право да ги избере темите за кои ќе разговара.

„Во рамките на своите статутарни надлежности, претседателот Ахмети ќе има ексклузивна надлежност за отворање и третирање на теми кои се од витално и стратешко значење за државата, а кои се однесуваат на европската перспектива, политичката стабилност и одржливиот економски развој“, се наведува во соопштението.

Двојното мнозинство

Премиерот Мицкоски меѓу темите за разговор го наведе и изборот на Народен правобранител. Тој избор е во застој шест месеци, затоа што за него е потребно и Бандетерово мнозинство во Собранието. Владејачкото мнозинство има доволно гласови да биде поддржан номинираниот кандидат, но нема доволен број пратеници и за гласање и по Бадентеровиот принцип, бидејќи недостигаат гласови од Европскиот фронт предводен од ДУИ.

Во декември 2025 година ДУИ го прошири барањето за опсегот на нужноста од двојно мнозинство и ги истакна условите под кои партијата би влегла во која било идна македонска влада: и изборот на владата да биде со Бадентерово мнозинство, а со Бадентер да се носат одлуките на Уставниот суд кои се однесуваат на закони што во Собранието се донесени со двојно мнозинсто. Тогаш Ахмети не одговори јасно на прашањето зошто не понудил таков предлог во годините додека ДУИ беше на власт.

Засега не се знае дали овие теми Ахмети ќе ги отвори на лидерската средба. Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски во годишното обраќање на крајот од 2025 година, рече дека ако Уставниот суд се сведе на тоа етнички аргументи да бидат пресудни, во истиот момент граѓаните можат да заборават на правната држава и можат слободно да стават клуч на таа институција.

Подготвеност да се дискутира за сѐ

Сепак, изборот на темите останува широк. Вицепремиерот Николоски вели дека е оставен простор секој од учесниците да покрене точки за кои што смета дека се значајни.

„Ние сме спремни да дискутираме за секоја точка. Секако ќе имаме позиции и ставови по однос на секоја точка, но ниедна тема не ја отфрламе. Сите теми кои релевантните партии сметаат дека треба да се отворат, подготвени сме да ги разговараме. Дали ќе се договориме е комплетно друго прашање“, рече тој.

Оцени дека е добро што ќе присуствува ДУИ, но и дека СДСМ сѐ уште има време да го промени ставот.

Еднаквост на гласот

Опозициската Левица ќе присуствува на лидерската средба. Според партијата, укинувањето на техничката влада би било прифатливо само доколку е проследено со вистински, а не со декларативни демократски реформи. Како клучен предуслов го посочува воведувањето на една изборна единица, со цел секој глас да вреди еднакво. Вториот услов е укинување на политичката цензура и обезбедување еднаков пристап до медиумско претставување за сите политички субјекти.

Во пресрет на лидерската средба Левица објави податок дека пратениците само во една година потрошиле 14.369.470 денари за патни трошоци – износ кој, според партијата, разоткрива изопачена хиерархија на приоритети. Не се знае дали и ова прашање ќе биде покрането на средбата. Од Левица посочија дека со таа сума би можеле да се реконструираат и опремат училишни кабинети, да се набават медицински апарати за регионални болници што работат без или со застарена опрема, да се финансираат кујни за сиромашни семејства во текот на зимата. Потсетуваат и дека не е субвенциониран меѓуградскиот превоз за студентите, ниту има субвенции за кирии за жени жртви на семејно насилство.

Одлучувачка година за реформите

Коалицијата ВЛЕН соопшти дека останува фокусирана и обединета да се соочи со предизвиците што претстојат, во одлучувачка година за спроведување на реформите, реализација на големи проекти и исполнување на очекувањата на граѓаните.

„Со јасно лидерство, силна координација и непоколеблива политичка волја, ВЛЕН е подготвена да ја трансформира одговорноста за управување во опипливи резултати за секој граѓанин“, велaт од коалицијата.

Оттаму веќе се изјаснија дека на земја која преговара за влез во ЕУ не ѝ доликува да има техничка влада. Координаторот на пратеничката група на ВЛЕН, Беким Ќоку, рече дека земјата на локалните избори докажала дека и без „пржинска влада“ може да организира фер и демократски избори.

 

 

Related posts

Минималната синдикална кошничка порасна за речиси 1.000 денари во февруари

admin

Северна Македонија: Дали ќе се опорави културата по пандемијата?

ninja

Русите влегуваат во градот-порта кон Донбас: Украина предупредува на голема криза

admin

Курти ја префрли вината на Тирана: Заедничката седница ја откажа Албанија

admin

ДАУТИ УВЕРУВА: НЕМА ДА ИМА НЕДОСТИГ НА ПРЕХРАНБЕНИ ПРОИЗВОДИ

ninja

Ковачевски почнува разговори за широк Европски фронт

admin