Американскиот претседател Доналд Трамп изјави во понеделникот дека секоја земја што ќе продолжи да има деловни односи со Иран ќе се соочи со царина од 25% на целокупната трговија со Соединетите Држави, додека Вашингтон разгледува како да одговори на најголемите антивладини протести во Иран во последните години.
„Со итна важност, секоја земја што соработува со Исламската Република Иран ќе плаќа царина од 25% на секој бизнис што го остварува со Соединетите Американски Држави“, напиша Трамп на својата платформа Truth Social, без да наведе дополнителни детали.
Царините ги плаќаат американските увозници на стоки од засегнатите земји. Иран, членка на ОПЕК, со години е под строги санкции од страна на Вашингтон и најголемиот дел од нафтениот извоз го насочува кон Кина. Меѓу неговите клучни трговски партнери се и Турција, Ирак, Обединетите Арапски Емирати и Индија.
Белата куќа не објави официјален документ за мерката на својата интернет-страница, ниту појасни под која законска основа би се вовеле царините и дали тие ќе се однесуваат на сите трговски партнери на Иран. Од Белата куќа не одговорија на барањето за коментар.
Кинеската амбасада во Вашингтон ја критикуваше изјавата на Трамп, наведувајќи дека Пекинг ќе преземе „сите неопходни мерки“ за заштита на своите интереси и дека се противи на „нелегални еднострани санкции и екстратериторијална јурисдикција“.
„Ставот на Кина против неселективното воведување царини е јасен и доследен. Царинските и трговските војни немаат победници, а принудата и притисокот не решаваат проблеми“, соопшти портпарол на амбасадата на платформата X.
Јапонија и Јужна Кореја, кои минатата година постигнаа трговски договори со САД, соопштија дека внимателно ја следат ситуацијата. Јужнокорејското Министерство за трговија изјави дека ќе преземе „соодветни мерки“ откако ќе станат јасни конкретните чекори на американската влада.
Иран, кој минатата година имаше 12-дневна војна со американскиот сојузник Израел и чии нуклеарни објекти беа бомбардирани од американската војска во јуни, се соочува со најмасовните антивладини демонстрации во последните години.
Трамп изјави дека САД би можеле да се сретнат со ирански претставници и дека е во контакт со иранската опозиција, додека истовремено го засилува притисокот врз властите во Техеран, вклучително и со закани за воена акција.
Техеран во понеделникот соопшти дека ги одржува отворени каналите за комуникација со Вашингтон, додека САД размислуваат за следните чекори во кризата, која претставува еден од најсериозните предизвици за иранскиот верски естаблишмент од Исламската револуција во 1979 година.
Според американската организација за човекови права HRANA, од почетокот на протестите на 28 декември досега се потврдени 599 жртви, од кои 510 демонстранти и 89 припадници на безбедносните сили.
Портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит, изјави дека иако воздушните напади се меѓу опциите што стојат на располагање, „дипломатијата секогаш е првата опција за претседателот“.
Во текот на својот втор мандат, Трамп често користеше закани со царини и нивно воведување против други земји поради нивните врски со противниците на САД или поради, како што наведува, нефер трговски практики. Во меѓувреме, Врховниот суд на САД разгледува можност да поништи дел од постојните царини воведени од администрацијата на Трамп.
Според најновите податоци на Светската банка, Иран во 2022 година извезувал производи во 147 земји ширум светот.

