Лидерот на бугарската партија „Има таков народ“ (ИТН) Слави Трифонов упати остри и навредливи коментари кон Северна Македонија по нападот врз Бугарската амбасада во Скопје, кој се случи во саботата, предизвикувајќи реакции во двете земји.
Во објава на Фејсбук, Трифонов напиша дека Македонците „ќе ја видат Европската унија кога свињите ќе полетаат“, додавајќи дека, според него, „објективно, тоа е она што го заслужуваат“. Тој оцени дека нападот не треба да се гледа како изолиран инцидент, туку како „прашање на однос и омраза“.
Бугарското Министерство за надворешни работи остро го осуди нападот врз зградата на дипломатската мисија во Скопје, оценувајќи го како напад врз симбол на бугарската државност и како прекршување на меѓународните норми.
Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија соопшти дека уапсило 54-годишен жител на Скопје, идентификуван како Ш.А., кој е осомничен дека ја скршил стаклената врата на влезот од амбасадата. Полицијата наведе дека по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.
„Можеби некој ќе рече дека станува збор само за скршено стакло, но проблемот не е стаклото, туку односот“, напиша Трифонов, додавајќи дека „обично се крши стаклото на оној што не го сакате или го мразите“.
Во истата објава, тој употреби дополнителни навредливи квалификации, тврдејќи дека граѓаните на Северна Македонија тајно сонуваат за бугарски пасоши и испраќање на децата на студии во Бугарија, додека самиот, како што напиша, ќе продолжи „со задоволство да пее бугарски народни песни од Пиринскиот регион“.
Инцидентот се случува во услови на долготрајни тензии меѓу Софија и Скопје околу историски и идентитетски прашања, кои и натаму ја оптоваруваат европската перспектива на Северна Македонија.

