Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) вовела фискализација во сите бифиња со кои управува и го зголемила евидентираниот промет за околу 300%, изјави во понеделникот директорот на Службата, Ивица Томовски, коментирајќи го последниот извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР).
Томовски делумно се согласи со наодите на ревизорите за неправилности во финансиското работење во 2024 година, наведувајќи дека тие се резултат на долгогодишни практики. „Затекнавме бифиња без фискални каси и прво што направивме беше да набавиме фискални уреди. Сега прометот се регистрира дневно и е значително повисок“, рече тој.
Директорот соопшти дека СОЗР веќе обезбедила имотни листови за седум државни вили – три во Скопје и четири во Охрид – вклучувајќи ги и објектите што ги користат претседателот и премиерот. Според него, започната е и постапка за легализација на преостанатиот државен имот со кој располага Службата, а ќе биде формирана и работна група за целосно расчистување на имотно-правниот статус.
Томовски не коментираше за наодите за големи залихи на стоки, наведувајќи дека Министерството за внатрешни работи преку Бирото за јавна безбедност води постапка, по што јавноста ќе биде информирана.
Во однос на возниот парк, тој изјави дека СОЗР располага со 45 возила на лизинг и околу 220 постари возила, од кои над 100 веќе се расходувани, а дел од останатите се користат за организација на настани.
Томовски оцени дека државата треба да размисли за набавка на ново блиндирано возило за превоз на високи функционери, бидејќи постојното, како што рече, не ги исполнува современите безбедносни стандарди. Тој посочи дека при неодамнешната посета на унгарскиот премиер Виктор Орбан во Охрид, странската делегација донела сопствено блиндирано возило.
Тој, исто така, изјави дека е потребна набавка на нов државен авион, наведувајќи дека сегашниот е мал и често е на поправки. „Се разгледува опција за поголем авион кој би можел да се користи и за медицински транспорт, со вградена медицинска опрема“, рече Томовски.
ДЗР во последниот извештај констатираше повеќе пропусти во финансиското работење на СОЗР за 2024 година, по што институцијата најави мерки за надминување на забелешките.

