Движењето ЗНАМ соопшти дека неговите функционери се залагаат за доследно почитување на Уставот и законите и дека барањето одговорност „со име и презиме“ не претставува мешање во правосудството, туку обид за враќање на довербата во институциите.
Реакцијата следи по обвинувањата од СДСМ и ДУИ во врска со постапките за поранешниот вицепремиер Артан Груби.
„Кога министерот за правда, Игор Филков, бара одговорност со име и презиме, тоа не е притисок врз судството, туку настојување да се воспостави еднаквост пред законот“, наведуваат од ЗНАМ, обвинувајќи ја поранешната владејачка коалиција СДСМ/ДУИ за „селективна правда“ и политичко влијание врз институциите.
Од ЗНАМ потсетуваат дека бегството на поранешниот премиер Никола Груевски се случи во време кога Владата ја предводеше коалицијата СДСМ/ДУИ, додавајќи дека токму во нивниот мандат биле направени измени на Кривичниот законик, вклучително и укинување на членот 353 за злоупотреба на службена положба.
Партијата исто така ги повика СДСМ и ДУИ да одговорат за, како што наведуваат, случаи поврзани со набавката на вакцини, лиценци за марихуана и работењето на ТЕЦ Неготино, како и за договорот со „Бехтел и Енка“ за Коридор 8.
Од друга страна, портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, изјави дека постои „политички договор“ меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ во врска со случајот на Груби и ја обвини власта за влијание врз обвинителството и судството.
Според неа, одлуката за определување куќен притвор за Груби била донесена врз основа на проценка од Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за национална безбедност дека тој не би бил безбеден во истражниот затвор „Шутка“, но директорот на затворот јавно изјавил дека такво мислење не било побарано.
СДСМ прашува кој обвинител постапувал во предметот и дали одлуката е резултат на политичко влијание, додека од ЗНАМ ги отфрлаат обвинувањата и велат дека институциите треба да работат без притисоци и селективност.
Обвинителството и судските органи засега немаат јавно коментирано за меѓусебните обвинувања на политичките партии.

