Здружението на јавни обвинители побара од Собранието да ги повлече предложените измени на Законот за платите на јавните обвинители, со кои се предвидува промена на коефициентите за пресметка на платите со цел, како што е наведено во предлогот, да се спречи нивен натамошен непропорционален раст.
Во соопштение, Здружението наведе дека согласно Законот за платите на јавните обвинители, платата на обвинител не може да биде намалена со закон или одлука на државен орган, освен во случај на утврдена дисциплинска одговорност.
„Јавните обвинители извршуваат сложена и одговорна работа и го носат товарот на кривичниот прогон, без соодветни материјални услови и доволна стручна поддршка. Законски предвидените додатоци за сложеност на трудот со години не се исплаќаат поради недостаток на средства во Буџетот“, се наведува во реакцијата.
Од Здружението посочуваат дека се свесни за економската состојба во земјата и потребата од фискална дисциплина, но нагласуваат дека поради неспојливоста на функцијата, платата е единствен приход на јавните обвинители. Според нив, таа се движи од околу 90.000 до 130.000 денари и е најниска во регионот.
Тие информираат дека во декември минатата година Уставниот суд повел постапка за оценување на уставноста на претходните измени на истиот закон, со кои беа намалени коефициентите и ограничен растот на платите.
„Иако конечната одлука сè уште не е донесена, имаме обврска да укажеме на можните штетни правни последици доколку со ново законско решение дополнително се продлабочат оспорените недоследности“, наведуваат од Здружението, оценувајќи дека предложените измени би можеле да ја загрозат независноста на јавните обвинители преку економски притисок.
Со предлог-измените, според образложението, се предвидува прилагодување на коефициентите за пресметка на платите со цел обезбедување правична и одржлива законска рамка и спречување на непропорционален раст на примањата на обвинителите.

