Американскиот претседател Доналд Трамп одржа најдолг говор од ваков вид досега во рамки на своето обраќање за состојбата на нацијата, во настап обележан со партиски тензии, протести од демократите и силни пораки за трговијата, имиграцијата и патриотизмот.
Годишното обраќање традиционално се одржува пред двата дома на Конгресот, членовите на кабинетот и судиите на Врховниот суд, како и поканети гости. Говорот се случи во чувствителен политички момент за претседателот, по одлуката на Врховниот суд со која беа поништени неговите глобални царини, како и во услови на растечки тензии со Иран и загриженост за трошоците за живот – прашања што би можеле да влијаат врз исходот на претстојните избори за Конгресот.
Тензии со Врховниот суд
Ова беше првпат Трамп јавно да се сретне со дел од судиите на Врховниот суд откако јавно ги критикуваше поради одлуката со која се поништија неговите царини. Наместо вообичаеното присуство на сите девет судии, во салата беа четворица: главниот судија John Roberts и судиите Amy Coney Barrett, Elena Kagan и Brett Kavanaugh.
Трамп се ракуваше со Робертс пред да се искачи на говорницата, но нивната размена беше воздржана. Подоцна во говорот, претседателот повторно ја нарече одлуката „разочарувачка“ и „несреќна“, истакнувајќи дека ќе се повика на други законски механизми за да ја продолжи својата царинска политика.
Тој најави нова царина од 15% што ќе ги замени поништените мерки, повикувајќи се на малку користен член од законодавството кој овозможува воведување привремени царини до 150 дена. Трамп рече дека „не ќе биде потребна акција од Конгресот“, додавајќи дека царините во иднина би можеле да го заменат данокот на доход – изјава што предизвика загриженост кај дел од правните експерти.
Демократ исфрлен од салата
Говорот беше проследен со протести од редовите на демократите. Неколкумина пратеници ја бојкотираа седницата, додека други останаа во салата, но јавно реагираа за време на обраќањето.
Конгресменот Al Green од Тексас беше отстранет од салата откако држеше транспарент со порака „Black people aren’t apes!“, алудирајќи на видео објавено и подоцна избришано од социјалните мрежи на Трамп. Ова е втора година по ред Грин да биде изведен од салата поради протест за време на обраќањето.
Конгресменките Ilhan Omar и Rashida Tlaib, исто така, гласно реагираа додека претседателот зборуваше за имиграцијата и наводни изборни нерегуларности. „Тоа е лага“, се слушна како извикува Омар.
Трамп неколкупати ги обвини демократите дека одбиваат да аплаудираат на постигнувањата на неговата администрација, нарекувајќи ги „луди“.
Олимписки шампиони и патриотски пораки
Во еден од највпечатливите моменти од вечерта, машката хокеарска репрезентација на САД, која освои златен медал на Зимските олимписки игри, се појави во салата, предизвикувајќи овации и извици „U-S-A“.
Трамп најави дека голманот Connor Hellebuyck ќе биде одликуван со Претседателски медал на слободата, највисокото цивилно признание во САД. Тој додаде дека и женската хокеарска репрезентација, која исто така освои злато, ќе биде поканета во Белата куќа, по реакции во јавноста дека првично не била спомената.
Патриотизмот беше централна тема во говорот, особено во пресрет на одбележувањето на 250-годишнината од независноста на САД. Во еден момент, Трамп ги повика присутните да станат доколку се согласуваат со изјавата дека „првата должност на американската влада е да ги штити американските граѓани, а не илегалните мигранти“. Камерите покажаа јасна партиска поделба – републиканците стоеја и аплаудираа, додека демократите останаа седнати.
Говорот ја нагласи продлабочената политичка поларизација во Вашингтон, во година кога контролата врз Конгресот ќе биде повторно ставена на тест на изборите.

