Министрите за надворешни работи на Европската унија и на земјите од Советот за соработка во Заливот (GCC) остро ги осудија, како што ги нарекоа, неоправданите напади на Иран врз државите од Заливот и повикаа на нивен итен прекин, се наведува во заедничка изјава по вонредниот состанок одржан на 5 март.
Состанокот се одржа поради ескалацијата на тензиите на Блискиот Исток. Делегацијата на GCC ја предводеше министерот за надворешни работи на Бахреин, Абдулатиф бин Рашид Ал Зајани, кој претседава со актуелната сесија на Министерскиот совет на организацијата, заедно со генералниот секретар Џасим Мохамед Ал-Будаиви и министрите за надворешни работи на земјите членки.
Европската страна ја предводеше високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност и потпретседателка на Европската комисија, Каја Калас, со учество на еврокомесарката Дубравка Шуица и министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ.
Министрите ја нагласија важноста на стратешкото партнерство меѓу ЕУ и GCC, воспоставено со Договорот за соработка од 1988 година и повторно потврдено на самитот ЕУ–GCC во Брисел во октомври 2024 година.
Во заедничката изјава, тие остро ги осудија иранските напади врз земјите од Заливот, наведувајќи дека тие претставуваат закана за регионалната и глобалната безбедност, и ја повикаа Техеран веднаш да ги прекине нападите. Европската унија, исто така, изрази солидарност со државите од GCC.
Министрите повикаа на заштита на цивилите и целосно почитување на меѓународното право, меѓународното хуманитарно право и принципите на Повелбата на Обединетите нации.
Во изјавата се посочува дека неодамнешните ирански напади предизвикале значителна материјална штета во земјите од GCC, вклучително и врз цивилна инфраструктура како нафтени објекти, услужни капацитети и станбени области, што ја загрозило безбедноста и животите на цивилите.
Министрите повторија дека земјите од Заливот имаат право на самоодбрана во согласност со член 51 од Повелбата на ОН и дека можат да преземат неопходни мерки за заштита на својата безбедност, територии и население.
ЕУ и GCC се согласија да продолжат со заеднички дипломатски напори за трајно решение кое ќе спречи Иран да развие нуклеарно оружје и ќе го ограничи производството и ширењето на балистички ракети, беспилотни летала и други технологии што ја загрозуваат регионалната безбедност.
Министрите ја нагласија и важноста од заштита на поморските рути и слободата на навигација, особено во Ормутскиот Проток и Баб ел-Мандеб, како и стабилноста на глобалните енергетски пазари и синџирите на снабдување.
Во тој контекст беше истакната улогата на поморските операции на ЕУ, АСПИДЕС и АТАЛАНТА, во заштитата на клучните водни патишта и намалувањето на ризиците за глобалната трговија.
Европската унија им се заблагодари на земјите од GCC за поддршката и помошта што им ја обезбедуваат на европските државјани на нивна територија, додавајќи дека ќе продолжи со напорите за нивно безбедно заминување во тесна координација со владите од регионот.

