Главните светски берзански индекси продолжија да бележат пад во третата недела на нестабилност, при што Волстрит во петокот заврши со негативни резултати, а европските пазари веќе претрпуваат сериозни загуби поради новиот енергетски шок, пренесуваат финансиските агенции.
Цените на нафтата пораснаа на глобалните пазари, поттикнати од зголемена побарувачка и загриженост за снабдувањето со енергија. Нафтата се движи кон 150 долари за барел, што дополнително ги зголемува стравувањата од инфлација и потенцијална глобална рецесија.
Економските аналитичари предупредуваат дека ескалацијата на конфликтот во Иран може да предизвика пораст на цените на храна, авионски билети и други стоки, како и сериозни нарушувања на пазарот на недвижности, особено во Дубаи, каде вредноста на имотите веќе падна за околу 30 проценти.
Во меѓувреме, биткоинот реагира на глобалната неизвесност, тргувајќи се околу 72.000 долари, откако аналитичари од Bloomberg Intelligence предупредија на можен пад до 10.000 долари.
Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека санкциите за руската нафта ќе бидат повторно воведени веднаш по завршувањето на кризата со Иран, додека конфликтот ја засилува зависноста на глобалните пазари од руската нафта. Според анализи на Financial Times, земјите од Персискиот Залив изгубија најмалку 15 милијарди долари приходи од нафта поради нестабилноста во регионот.
Инаку, Регулаторната комисија за енергетика во Македонија утре ќе заседава за да ја утврди новата максимална цена на горивата, со оглед на наглиот пораст на цената на нафтата и јакнењето на доларот.

