Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) ќе го одржи својот 32. конгрес на 7 јуни, кој ќе има програмски карактер, одлучи Централниот одбор на партијата, соопштија од СДСМ.
На синоќешната седница беа избрани нови членови на Централниот и на Извршниот одбор. Меѓу нив се актуелната градоначалничка на Македонска Каменица, Соња Стаменкова, професорот и поранешен носител на јавни функции Слободан Чокревски, како и портпаролката на партијата Богданка Кузеска.
Членови на органите се избрани и дипломираната економистка Тања Илијовска и докторот по етнологија и поранешен пратеник Рубин Земон.
Централниот одбор го избра Андреј Жерновски за нов меѓународен секретар на СДСМ, додека за втор организациски секретар е избран Зоран Трифуновски. На седницата беше донесена и одлука за распишување оглас за избор на претседател на Форумот на пензионери на СДСМ.
Претседателот на партијата, Венко Филипче, ја презентираше новата предлог платформа од која ќе произлезе новата програма на СДСМ. Партијата најавува дека финалната верзија на програмата ќе биде подготвена преку инклузивен процес и широка дебата со членството и граѓаните, а потоа ќе биде усвоена на програмскиот конгрес.
СДСМ истакнува дека конгресот ќе ја потврди програмската насока на партијата и нејзината заложба за инклузивно донесување одлуки.

