Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека воените операции против Иран се „дефинитивно повеќе од половина“ завршени во однос на поставените цели.
Нетанјаху подоцна појасни дека проценката се однесува на извршени мисии, а не на времетраењето на војната. Тој изјави дека конфликтот довел до загуби на „илјадници“ припадници на иранската Револуционерна гарда и дека Израел и САД се „блиску до уништување“ на делови од иранската воена и нуклеарна инфраструктура.
Во меѓувреме, кувајтски танкер натоварен со околу два милиони барели нафта се запали откако беше погоден при напад со дрон додека бил закотвен во Дубаи, соопштија властите, кои го обвинија Иран за нападот. Пожарот е ставен под контрола, нема истекување на нафта, а сите 24 членови на екипажот се безбедни.
Нови напади се пријавени и во Иран и во Израел. Израелската армија соопшти дека извела нов бран удари врз, како што наведе, „инфраструктура на иранскиот режим“ во Техеран. Иранските медиуми јавија за експлозии и привремени прекини на струја во делови од главниот град.
Истовремено, ирански ракети биле лансирани кон Израел, а воздушната одбрана работи на нивно пресретнување, соопшти израелската војска.
Конфликтот се проширува и во Персискиот Залив. Во Обединетите Арапски Емирати, властите соопштија дека четири лица се повредени кога шрапнели паднале во Дубаи по пресретнување на проектил. Во Шарџа, дрон погодил административен објект, без жртви.
Саудиска Арабија соопшти дека штета е предизвикана врз неколку куќи од остатоци од соборен дрон, додека Кувајт наведе дека неговата противвоздушна одбрана пресретнува ракетни и дронски напади.
Иран, во меѓувреме, напредува со плановите за воведување такси за бродовите што минуваат низ Ормутскиот Теснец, според државни медиуми. Предлогот предвидува и забрана за транзит на бродови од САД, Израел и други земји кои вовеле санкции кон Техеран.
Американскиот претседател Доналд Трамп повтори дека САД се подготвени да ги „збришат“ иранските енергетски капацитети ако наскоро не се постигне договор, но истовремено изјави дека се водат „сериозни“ разговори. Иранското министерство за надворешни работи, пак, негира дека има преговори со Вашингтон за завршување на војната.
Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека Ормутскиот Теснец „ќе биде повторно отворен на еден или друг начин“, предупредувајќи на последици ако Иран продолжи да го блокира.
На терен, израелската армија соопшти дека четворица војници загинале во борби во јужен Либан, каде се судира со Хезболах.
Војната веќе има силно економско влијание. Цените на нафтата се зголемија над 100 долари за барел во САД, највисоко ниво од 2022 година, додека цените на авионското гориво и алуминиумот нагло растат поради прекините во снабдувањето.
Конфликтот, кој започна на 28 февруари со удари на САД и Израел врз Иран, продолжува да се шири низ Блискиот Исток, зголемувајќи ги ризиците за глобалната енергетска безбедност и трговија.

