21.8 C
Скопје
28 јуни, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИЕКОНОМИЈАНАСЛОВНАСВЕТ

Фирма во ЕУ за 48 часа: Брисел со „EU Inc.“ за крај на бирократските лавиринти

Европската комисија во средата предложи создавање на „EU Inc.“, нов доброволен европски корпоративен режим со единствени правила, чија цел е да се олесни основањето и проширувањето на компании низ Европската унија и да се зајакне конкурентноста на блокот.

Предлогот, замислен како „28-ми режим“ покрај постојните национални системи, доаѓа во форма на регулатива и нуди унифициран сет правила што компаниите ќе можат да ги изберат наместо да се соочуваат со 27 различни правни рамки и повеќе од 60 корпоративни форми.

Комисијата соопшти дека фрагментираната регулаторна средина често го одложува основањето бизниси со недели или месеци, ги зголемува трошоците и го обесхрабрува растот, особено кај иновативните компании.

„EU Inc.“ ќе овозможи компанија да се основа во рок од 48 часа, целосно онлајн и со трошок до 100 евра, без минимален основачки капитал. Компаниите ќе можат да ги доставуваат податоците само еднаш преку заедничка европска платформа, со автоматско добивање даночни и ДДВ-броеви.

Претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, изјави дека мерката има за цел да ја направи Европа „најдоброто место за иноватори“, додавајќи дека сегашниот систем со повеќе правни режими претставува пречка за раст.

Предлогот е дел од пошироката стратегија на ЕУ за зајакнување на конкурентноста, вклучително и препораките од извештајот на Марио Драги, кој повика на олеснување на условите за проширување на компаниите во Европа.

Според Комисијата, новиот режим ќе воведе целосно дигитални процедури во текот на целиот животен циклус на компанијата, поедноставени правила за ликвидација и несолвентност, како и поголема флексибилност во структурата на акции и привлекување инвестиции.

Компаниите ќе можат да воспостават европски шеми за акции за вработени, со оданочување само при продажба, што се смета за клучно за привлекување талент, особено кај стартапите.

Комисијата истакна дека националните правила за труд и социјална заштита ќе останат непроменети и ќе продолжат да важат за компаниите што ќе го користат режимот „EU Inc.“.

Покрај тоа, извршното тело на ЕУ предложи дополнителни мерки, вклучително и поголема дигитализација на односите меѓу компаниите и јавните институции, потенцијални судски механизми за решавање спорови и иницијативи за подобар пристап до капитал.

Предлогот сега ќе биде разгледан од Европскиот парламент и Советот на ЕУ, а Комисијата повика на постигнување договор до крајот на 2026 година.

Related posts

МИЦКОСКИ -ВЛАСТА ЗА ЕДЕН МЕСЕЦ ДАДЕ 33 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА СТРУЈА ОД СТРАНСТВО

ninja

Над 10.000 турски државјани побарале македонско државјанство по законските измени од 2021

admin

ВРАЌАЊЕ ВО РЕАЛНОСТА: ЧЕСТИТ 9 МАРТ!

ninja

Игри со притвор: „Обвинителoт се согласи, судијата прифати“

admin

Реџепи: Бугарија не ни дава алтернатива освен руски гас

admin

Филипче: Странските инвестиции паднаа за 61% во 2025 година

admin