Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет побарал од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал Ренди Џорџ, да се повлече од функцијата, соопшти Пентагон, без да наведе причини за одлуката.
Џорџ „ќе се пензионира од позицијата 41. началник на Генералштабот на Армијата со итно дејство“, изјави портпаролот на Пентагон, Шон Парнел. Тој ја извршуваше функцијата од август 2023 година.
За време на речиси четиридецениската воена кариера, Џорџ бил распореден повеќепати во Ирак и Авганистан и извршувал низа високи должности, вклучително и заменик-началник на Генералштабот и висок воен советник на поранешниот министер за одбрана.
Причината за неговото повлекување не беше веднаш објаснета, но американски медиуми цитираа извор кој навел дека Хегсет барал лице кое ќе ја спроведува визијата на администрацијата на претседателот Доналд Трамп за Армијата.
Покрај Џорџ, од функциите биле отстранети и генералот Дејвид Ходн и генерал-мајорот Вилијам Грин, изјавил претставник на Пентагон под услов на анонимност, без дополнителни детали.
Генералот Кристофер ЛаНев ќе ја преземе функцијата вршител на должност началник на Генералштабот, додаде истиот извор. ЛаНев до неодамна бил главен воен советник на Хегсет и минатата година беше номиниран за заменик-началник.
Овие промени доаѓаат во услови на поширока реконфигурација на воениот врв под администрацијата на Трамп, која претходно разреши повеќе високи офицери, вклучително и претседателот на Здружениот генералштаб, како и раководители на морнарицата, крајбрежната стража и други клучни безбедносни структури.
Ротациите во врвот на Армијата се случуваат додека американските сили го засилуваат присуството на Блискиот Исток, со распоредување падобранци од 82-та воздушнодесантна дивизија, заедно со илјадници маринци и дополнителни ресурси.
Администрацијата досега избегнува да одговори дали ќе испрати копнени трупи против Иран.
Во телевизиско обраќање во средата, Трамп најави нови воени акции против Иран во наредните недели, без да наведе временска рамка за завршување на конфликтот или детали за стратегијата.

