Министерот за здравство Азир Алиу денеска ја посети Клиниката ТОАРИЛУЦ во „Мајчин дом“, каде е ставен во функција нов современ апарат дексаскен, наменет за навремена дијагностика и следење на остеопорозата.
Алиу изјави дека воведувањето на апаратот претставува значаен чекор во зајакнувањето на капацитетите на јавното здравство, особено во справувањето со остеопорозата како сериозен јавноздравствен предизвик.
„Остеопорозата, доколку не се открие навреме, може да доведе до сериозни последици. Затоа раната и прецизна дијагностика е клучна“, рече министерот.
Според него, новиот уред нуди пошироки дијагностички можности, вклучително и примена кај деца, проценка на вертебрални фрактури и следење на пациенти со ендопротеза на колк.
Средствата за набавка на апаратот се обезбедени преку координација меѓу Клиниката, Фондот за здравствено осигурување, Владата и Министерството за здравство. Паралелно со инсталацијата е извршено и целосно реновирање на просторот, со што се подобрени условите за обезбедување квалитетни здравствени услуги.

