Изградбата на автопатот Прилеп–Битола се соочува со пречки поради диво изградени објекти во близина на трасата, изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
Во изјава за медиуми, Николоски рече дека станува збор за десетина сопственици на, како што ги опиша, дивоградби – вили и хациенди со базени во околината на Прилеп, кои не дозволуваат пристап до наоѓалиште на материјал потребен за изградба.
„Имаме само една опструкција. Се работи за десетина сопственици на диво изградени вили и хациенди со базени во околината на Прилеп… не му дозволуваат на изведувачот да пристапи кон наоѓалиштето“, изјави Николоски.
Тој посочи дека трасата минува низ рамничарски дел во Пелагонија, каде нема доволно природен материјал за изградба, што дополнително ја усложнува реализацијата на проектот.
Според него, поради ограничениот пристап до локални ресурси, државата е принудена да набавува материјал од приватни каменоломи и да плаќа транспорт, што може да предизвика дополнителни трошоци до 100 милиони евра.
„Тие средства би можеле да се вложат во развој на регионот“, додаде Николоски, наведувајќи дека постојат сомнежи за бизнис или политички интереси зад опструкциите.
Паралелно, владата најавува дека инфраструктурните проекти остануваат приоритет, вклучително и изградбата на делници од Коридор 8, како и завршување на автопатот Кичево–Охрид до крајот на годината.
Министерот информираше и за тековни инвестиции во железничката инфраструктура, со планови за поврзување со Бугарија и реализација на проекти вредни неколку милијарди евра во наредниот период.

