Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека исчезнатиот член на екипажот од соборен борбен авион во Иран е спасен во „една од најсмелите операции во историјата“.
Според информациите, операцијата вклучувала стотици специјалци и десетици авиони, додека американските сили извршиле сложена спасувачка мисија длабоко зад непријателските линии. Повредениот офицер, кој бил во второто седиште на авионот, успеал да избегне заробување повеќе од еден ден.
Американските медиуми јавуваат дека и разузнавачката служба ЦИА одиграла клучна улога, следејќи ја точната локација на војникот и спроведувајќи дезинформациска кампања за да ја збуни иранската страна.
Спасувањето става крај на високоризична мисија која започна во петокот, кога борбен авион F-15E Strike Eagle беше соборен над Иран. Првиот пилот беше спасен порано, додека вториот член на екипажот беше во бегство во планински регион.
И покрај успешната операција, судири продолжија низ Блискиот Исток. Напади беа пријавени во Бахреин, Обединетите Арапски Емирати и Кувајт, додека Израелските одбранбени сили соопштија дека погодиле повеќе од 120 цели во Иран во последните 24 часа.
Аналитичарите оценуваат дека спасувањето е голема политичка победа за Трамп, кој избегна сценарио во кое американски војник ќе беше заробен и искористен за пропаганда од страна на Техеран.
Сепак, експертите предупредуваат дека ваквите операции имаат многу ниска стапка на успех и носат огромен ризик, особено во услови на активен конфликт и интензивни воени дејства во регионот.

