Унгарскиот премиер Петер Магјар изјави дека неговата влада нема да испраќа оружје или воена опрема за Украина, потврдувајќи дека Будимпешта ќе ја задржи досегашната политика на ограничена поддршка за Киев и покрај промената на власта во земјата.
По средбата со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во Брисел, Магјар порача дека Унгарија ќе остане „сигурен партнер“ во Алијансата, но дека нема да учествува во вооружување на Украина.
„Ја информиравме НАТО дека Унгарија не испорачува оружје или воена опрема за Украина“, напиша Магјар на социјалните мрежи.
Тој исто така повтори дека Будимпешта ќе го поддржи отворањето нови поглавја во пристапните преговори на Украина со Европската Унија само доколку се постигне договор за правата на унгарското малцинство во Закарпатската област.
Прашањето за положбата на етничките Унгарци во западна Украина со години е предмет на спор меѓу Киев и Будимпешта. Унгарските власти тврдат дека украинските закони ги ограничуваат јазичните и образовните права на заедницата од повеќе од 100.000 етнички Унгарци во регионот.
Изјавите на Магјар предизвикаа позитивни реакции во Москва.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, ја поздрави одлуката на Унгарија да не испорачува оружје за Украина, оценувајќи дека мирот би бил поблиску доколку и другите држави заземат сличен став.
„Ако сите земји донесат таква одлука, мирот би дошол побрзо“, изјави Песков, додавајќи дека секое одбивање да се „долева масло на огнот“ заслужува поддршка.
Тој истовремено ја критикуваше Европската Унија поради прекинот на политичкиот дијалог со Русија, оценувајќи дека проблемите не можат да се решаваат без комуникација.
Ставот на Магјар претставува сигнал дека, и покрај промената на власта во Будимпешта, Унгарија нема драматично да ја смени политиката кон војната во Украина. Иако новиот премиер признава дека Украина е жртва на руската агресија и има право да го брани својот територијален интегритет, неговата влада продолжува да се спротивставува на воената помош и воведе ограничувања за увоз на украински земјоделски производи.
Изјавите доаѓаат во пресрет на самитот на НАТО во Анкара и во момент кога Магјар во Брисел води разговори и за деблокирање на милијарди евра европски фондови замрзнати поради претходните спорови меѓу Унгарија и Европската Унија околу владеењето на правото и корупцијата.

