Политичката партија Левица денеска го обвини државниот јавен обвинител Ненад Савески дека не презема никакви активности во врска со случајот „Мазут“, иако, како што велат, располага со законски механизми за повторен увид во предметот.
Од Левица соопштија дека Савески може да побара дополнителни вештачења, нови докази и институционална проверка за начинот на кој Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција ја запрело истрагата.
Партијата праша дали пасивноста на Савески е поврзана со телефонскиот разговор што го имал со премиерот Христијан Мицкоски.
„Ако новиот државен јавен обвинител навистина не постапува по политички и партиски директиви, тогаш треба да утврди како е затворена истрага за случај во кој државата била оштетена за 169 милиони евра“, наведуваат од Левица.
Во меѓувреме, и ВМРО-ДПМНЕ излезе со остри критики кон Советот на јавни обвинители, претседателот Башким Бесими и обвинителите Ислам Абази и Ленче Коларевиќ.
Од владејачката партија обвинија дека Советот на јавни обвинители „станал штит на криминалот“, а обвинителите Абази и Коларевиќ ги нарекоа „синоним за селективна правда и политичка послушност“.
Според ВМРО-ДПМНЕ, во случајот „Мазут“ не биле земени предвид извештаи, сведоштва и сомнежи за местење тендери, перење пари и злоупотреба на институции.
Партијата побара оставка од Ислам Абази и целосна ревизија на предметот.
Случајот „Мазут“ беше отворен во март 2025 година и се однесуваше на набавките на мазут за ТЕЦ „Неготино“. Осомничени беа 13 физички лица, меѓу нив бизнисмените Ратко Капушевски, Асмир Јахоски, Ерџан Сулкоски и поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски.
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција на 12 мај соопшти дека ја запира постапката бидејќи во едногодишната истрага не биле утврдени докази дека осомничените ги сториле кривичните дела за кои се гонеа.
Премиерот Христијан Мицкоски претходно потврди дека телефонски разговарал со државниот јавен обвинител Ненад Савески по одлуката за запирање на истрагата, но од Обвинителството соопштија дека не станало збор за детали од предметот.

