Коалицијата ВЛЕН ја обвини ДУИ дека политички ги инструментализира студентските протести поврзани со барањето правосудниот испит да се полага и на албански јазик.
Во соопштение, ВЛЕН наведува дека „зад студентските транспаренти се крие раката на ДУИ“, обвинувајќи ја партијата дека преку, како што велат, „неколку студенти вклучени во нивната валкана политичка игра“ се обидува да се врати на власт.
„ДУИ е распадната и не може да се опорави од казната што Албанците ѝ ја дадоа на изборите. Затоа го прави тоа што секогаш го правела кога ѝ гори под нозе – го фрла каменот и ја крие раката“, стои во реакцијата.
Од ВЛЕН ги споменаа поранешните функционери на ДУИ – Бујар Османи, Арбер Адеми и Блерим Беџети – оценувајќи дека тие „немаат проблем со студентите, ниту со албанскиот јазик, туку со губењето на власта, привилегиите и политичкото влијание“.
Коалицијата потсети дека правосудниот испит „никогаш не се полагал на албански јазик“, прашувајќи зошто ДУИ не го решила прашањето додека била на власт.
„Зошто не го решија кога имаа министри, пратеници, технички премиер, претседател на Собрание, директори и апсолутна власт?“, прашуваат од ВЛЕН.
Во соопштението се наведува дека актуелната власт ќе го реши ова прашање, како што, според нив, било решено и прашањето со медресантите.
„Им порачуваме на искрените студенти да не дозволат да бидат искористени како топовско месо од Бујар Османи, Арбер Адеми, Блерим Беџети, Фатмир Бесими, Талат Џафери и група луѓе кои не можат да живеат без политички агилак“, стои во реакцијата.
На крајот, ВЛЕН оценува дека „Албанците веќе го дале својот вердикт со гласот“ и дека „времето на ДУИ е истечено“.

