Најмалку два танкери поврзани со транспорт на руски нафтени производи пловеле во Јонското Море во близина на грчкиот остров Лефкада, во период кога во областа бил откриен украински морски дрон со експлозив.
Според информации на грчкиот весник „Катимерини“, дронот од типот „Магура В3“ бил пронајден во четвртокот во крајбрежна пештера кај ртот Дукато од локални рибари.
Дронот бил конфигуриран за „камиказе“ напад и бил наполнет со активен експлозив, со можност да удри во комерцијален брод или нафтен танкер.
Рибарите го извлекле пловилото и го однеле во пристаништето Василики, по што било предадено на грчката крајбрежна стража.
Во исто време, западни агенции следеле два танкери кои, иако не се на официјалните санкциски листи, се поврзуваат со транспорт на руска нафта и течен природен гас.
Првиот танкер, кој превезувал сурова нафта, пловел под хрватско знаме и бил во сопственост на компанија од Задар.
Бродот испловил од Трст во средата и се очекувало да пристигне во Пиреја во саботата.
Според украински медиуми, истиот танкер претходно бил ставен на листа од околу 200 бродови кои извезувале руска нафта и нафтени деривати од руски пристаништа.
Вториот брод бил хемиски танкер под малтешко знаме, во сопственост на компанија со седиште во Сингапур.
Тој испловил од Милацо на Сицилија и требало да пристигне во Каламата.
Извори за „Катимерини“ тврдат дека бродот претходно превезувал руски течен нафтен гас (LPG).
Според проценките, неформалната „сенка флота“ поврзана со Русија брои до 1.500 танкери кои често пловат со исклучени системи за автоматска идентификација (AIS) со цел избегнување следење.
Дел од тие бродови, според западните служби, се користат и за транспорт на иранска нафта.
Грчките и западните безбедносни служби сега истражуваат дали морскиот дрон кај Лефкада бил наменет за напад врз бродови поврзани со руската „сенка флота“.

