Американскиот претседател Доналд Трамп останува во „одлична здравствена состојба“ и е целосно способен да ги извршува претседателските должности, и покрај отокот на потколениците и модринките на рацете, се наведува во лекарски извештај објавен од Белата куќа.
Во меморандумот на претседателскиот лекар Шон Барбабела, објавен доцна во петокот, се наведува дека Трамп има „благ оток на потколениците“, кој е подобрен во споредба со минатата година, како и модринки на рацете што се оценети како бенигни.
Според лекарот, модринките се поврзани со честото ракување и употребата на ниски дози аспирин како превенција од кардиоваскуларни заболувања.
„Претседателот останува во одлична здравствена состојба, со силни кардиолошки, белодробни и невролошки функции“, се наведува во извештајот.
Трамп оваа недела беше прегледан во Воениот медицински центар „Волтер Рид“, што беше негова четврта посета на болницата откако го започна вториот претседателски мандат.
Прегледот привлече внимание откако во јавноста се појавија фотографии на кои се забележуваат отечени зглобови на нозете, модринки на рацете и промени на кожата на вратот.
Лекарскиот извештај наведува дека кардиоваскуларната функција е нормална и дека невролошките тестови покажале нормален ментален статус, вклучително и скрининзи за анксиозност и депресија.
Во документот се наведува дека Трамп е висок 190 сантиметри и тежок 108 килограми. Лекарите препорачале продолжување со физичка активност, ниски дози аспирин и дополнително намалување на телесната тежина.
Трамп, кој на 14 јуни ќе наполни 80 години, е највозрасниот човек избран за претседател на САД.

