Коалицијата ВЛЕН праша кој го одолговлекува случајот со поранешниот вицепремиер Артан Груби, оценувајќи дека јавноста сè уште чека одговори за една од, како што велат, „најтешките афери на системот на ДУИ“.
Од ВЛЕН наведуваат дека Груби, кого го нарекуваат „жива архива на ДУИ“, сè уште не се соочил со институционален епилог, иако, според нив, поседува информации за „потписите, договорите и аферите на старата власт“.
Според соопштението, Артан Груби и Перпарим Бајрами се осомничени за злоупотреби во вредност од осум милиони евра во случајот „Државна лотарија“.
„Ова не е обичен предмет, туку едно од најтешките досиеја на системот на ДУИ, каде политиката, бизнисот, лотаријата и власта биле измешани за приватни интереси“, наведуваат од ВЛЕН.
Од коалицијата прашуваат кој има интерес случајот да се одолговлекува и „кој се плаши од тоа што би можел да го открие Артан Груби“.
Во реакцијата се споменува и името на јавниот обвинител Ислам Абази. Од ВЛЕН тврдат дека јавноста памети дека Груби вработил блиска роднина на Абази, а подоцна ја префрлил во Агенцијата за електронски комуникации.
„Денес, кога случајот Груби се движи со чекори на полжав, граѓаните имаат право да прашаат дали ова е случајност или дел од мрежа што произведува заштита, молк и недопирливост“, наведуваат од ВЛЕН.
Коалицијата побара институциите да постапат и предупреди дека случајот не смее да заврши „во фиока“.
„Секое одолговлекување на правдата ја поткопува довербата на граѓаните и европскиот пат на државата“, се наведува во реакцијата.

