Здружението на германски аеродроми (ADV) предупреди дека во наредниот период може да дојде до откажување летови и значително зголемување на цените на авиобилетите поради недостиг на авионско гориво.
„Стравуваме дека ќе бидат откажани дополнителни летови, особено од нискобуџетните авиокомпании и кон туристички помалку важни дестинации“, изјави извршниот директор на ADV, Ралф Бајзел, за германскиот весник Welt am Sonntag.
Според него, во најдобро сценарио бројот на патници во 2026 година би останал на сегашното ниво, но во најлош случај некои аеродроми би можеле да се соочат со пад на капацитетите од 10 проценти.
„Ако тоа се пресмета на сите аеродроми, би можеле да бидат погодени околу 20 милиони патници“, рече Бајзел.
Тоа, според него, би значело дека одредени дестинации повеќе нема да бидат опслужувани, додека за други ќе има помал број летови и значително повисоки цени.
Кризата е поврзана со војната со Иран и нарушувањата во транспортот на нафта преку Ормутскиот Теснец, што доведе до нагло зголемување на цените на керозинот и откажување на дел од летовите.
„Цените на керозинот се двојно повисоки од периодот пред војната веќе повеќе од два месеца. Не очекуваме ситуацијата да се нормализира во следните месеци“, изјави Бајзел.
Тој предупреди дека дури и ако има доволно гориво, многу авиокомпании нема да можат профитабилно да ги реализираат летовите по сегашните цени.

