Романија официјално побара од НАТО дополнителни антидронски капацитети откако руски дрон погоди станбена зграда во градот Галац, при што беа повредени две лица.
Романскиот претседател Никушор Дан свика итна седница на Врховниот совет за одбрана, оценувајќи дека станува збор за „најсериозниот инцидент“ што ја погодил романската територија од почетокот на руската војна против Украина.
„Невидената природа на овој настан бара цврст, координиран и пропорционален одговор на национално ниво, во рамки на Алијансата и меѓународно“, изјави Дан.
Тој ја обвини Русија дека сноси целосна одговорност за инцидентот, оценувајќи дека ударот во Галац е директна последица на, како што рече, неодговорниот начин на кој Москва користи беспилотни летала во непосредна близина на границите на НАТО.
Романското Министерство за надворешни работи соопшти дека побарало забрзување на трансферот на антидронски системи кон Романија.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека разговарал со Дан и му ја пренел „апсолутната солидарност“ на Алијансата.
„НАТО е подготвен да го брани секој сантиметар од територијата на сојузниците. Ќе продолжиме да ја зајакнуваме нашата подготвеност за одвраќање и одбрана од секоја закана, вклучително и од дронови“, рече Руте.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, го осуди инцидентот како „непромислена и неодговорна ескалација“ на Русија на територија на Европската Унија.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, порача дека руската војна против Украина „преминала уште една линија“, откако дрон погодил густо населена област во Романија.
Според романските власти, дронот удрил во покривот на десеткатна станбена зграда и предизвикал пожар. Околу 70 жители биле евакуирани, а две лица се здобиле со полесни повреди.
Романија, која е членка на НАТО и ЕУ, во изминатиот период повеќепати регистрираше остатоци од руски дронови на своја територија, особено во близина на границата со Украина и реката Дунав.
Галац се наоѓа во близина на украинските дунавски пристаништа Рени и Измаил, кои често се цел на руски напади.
Франција и Австрија ги повикаа руските амбасадори на разговор по инцидентот. Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека случајот уште еднаш покажува оти е потребно силно присуство на НАТО на источниот крилен појас.
Москва ги отфрли обвинувањата како неосновани, а рускиот претседател Владимир Путин изјави дека е прерано да се каже од каде потекнувал дронот.

