29.4 C
Скопје
9 јуни, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Од притвор во домашна слобода: Како Богоев обезбеди пуштање со гаранција

Основниот кривичен суд Скопје ја прифати гаранцијата од 55.000 евра што ја понуди поранешниот директор на Царинската управа Стефан Богоев и ја замени мерката 30-дневен притвор со мерки на претпазливост, соопшти Судот.

Одлуката е донесена од Кривичниот совет, кој постапувал по жалба на Богоев против решението од 4 јуни со кое му беше определен притвор по барање на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

Според Судот, гаранцијата е обезбедена во готови парични средства во износ од 55.000 евра во денарска противвредност, како обезбедување за присуството на осомничениот во текот на постапката.

На Богоев дополнително му се изречени мерки на претпазливост, вклучувајќи привремено одземање на патната исправа и забрана за преминување на државната граница.

Богоев е меѓу четворицата осомничени во истрагата што ја отвори Обвинителството по кривична пријава на Финансиската полиција. Осомничените се товарат за злоупотреба на постапка за јавна набавка, примање и давање поткуп и противзаконито влијание поврзано со тендер за одржување хигиена на граничните премини и терминали.

Според истрагата, во периодот од јули 2023 до март 2024 година биле внесени ограничувачки критериуми во тендерската документација и биле преземени активности за ограничување на конкуренцијата, со што на избрана компанија ѝ била овозможена противправна имотна корист од околу 18,5 милиони денари.

Финансиската полиција тврди дека во периодот од мај 2024 до февруари 2025 година Богоев директно и индиректно побарал и примил подарок и друга корист, дел лично, а дел преку друг осомничен во случајот.

Обвинителството соопшти дека постои основано сомнение оти осомничените ја изиграле постапката за јавна набавка преку фаворизирање на одреден економски оператор и ограничување на конкуренцијата.

Богоев, кој е поранешен градоначалник на Карпош и поранешен потпретседател на СДСМ, ги отфрли обвинувањата по отворањето на истрагата. Случајот останува во фаза на истражна постапка.

Related posts

Од Груевски лапна 5 милиони евра, па стана „шарен револуционер“, па од СДСМ џапна 2,5 милиони евра и сега е „свиркач“ и „укажувач на корупција“?!

admin

Половина помалку F-35: Зошто САД одеднаш го забавуваат својот воздушен арсенал?

admin

Таравари за Топ Чанел: Албанците во С.Македонија продолжуваат да бидат дискриминирани

admin

Протести и контра-протести во Србија

admin

Експерти за безбедност и конфликти: Балканот нема да остане имун на случувањата во Украина

ninja

Растат апетити за предвремени избори „во мај или октомври“

admin