Руски сили навлегле во стратешкиот град Костјантинивка во источна Украина и се обидуваат да го опколат, јави Би-Би-Си, повикувајќи се на украински војници на терен.
Костјантинивка се смета за една од клучните порти кон преостанатите украински упоришта во Донбас, Краматорск и Словјанск. Доколку градот падне, руските сили би можеле да се приближат до целосна контрола врз регионот, една од главните цели на Кремљ во војната.
Украински команданти тврдат дека ситуацијата останува под контрола, но признаваат дека околу 130 руски војници се наоѓаат во градот. Украински војници, пак, велат дека целата Костјантинивка практично се претворила во „сива зона“, каде што ниту една страна нема целосна контрола.
„Влегуваат во области зад нашите позиции, а во урбани услови е исклучително тешко да се истиснат“, изјави украински оператор на дронови за Би-Би-Си.
Москва соопшти дека нејзините сили брзо напредуваат во југозападниот дел на градот и дека опколиле украински единици. Киев ги отфрла овие тврдења.
Според украински офицери, руските сили користат тактика применета и при заземањето други градови во источна Украина – постепено напредување по крилата, опколување на населените места и сечење на линиите за снабдување.
Украинските сили се соочуваат со недостиг на луѓе и ресурси, додека руските дронови сè почесто ги таргетираат украинските позиции за лансирање дронови. Тоа, според украински војници, им овозможува на руските пешадиски единици полесно да се движат низ урбаните делови и да заземаат нови позиции.
„Понекогаш напредуваат по 100 метри дневно. Понекогаш буквално лазат до следната зграда“, изјави украински офицер чија единица дејствува во градот.
Украинскиот мониторинг-проект DeepState оцени дека падот на Костјантинивка е „прашање на време“ доколку не се промени пристапот на одбраната.
Паралелно со борбите во Донбас, Украина продолжува со напади врз руски нафтени рафинерии и линии за снабдување кон окупираниот Крим, што предизвика недостиг на гориво во делови од териториите под руска контрола.
Руските напредувања во Костјантинивка доаѓаат во момент кога фронтот со месеци е во застој, а двете страни се обидуваат да прикажат теренски успеси пред нови дипломатски и воени потези.

