26.7 C
Скопје
19 јуни, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Скопје добива нов систем за Брза помош: Целта е одзив за неколку минути наместо за 40

Владата ја усвои иницијативата за формирање самостоен центар за Итна медицинска помош во Скопје, со што започнува реформа чија цел е значително да го намали времето на одзив и да ја подобри ефикасноста на службата.

Министерот за здравство Азир Алиу изјави дека станува збор за системска промена која ќе овозможи поголема организациска и оперативна самостојност на Итната помош.

„Со формирањето самостоен центар ќе се овозможи поефикасно управување со ресурсите, посебно буџетско планирање и побрзо донесување одлуки. Ова не е нов систем, туку модернизација на постојниот“, рече Алиу.

Во првата фаза, Итната медицинска помош во Скопје ќе биде издвоена од рамките на здравствените домови и ќе функционира како посебна институција. Подоцна е предвидена интеграција и на други служби во рамките на новиот центар.

Според Министерството за здравство, сегашната организација создава проблеми во координацијата и управувањето со ресурсите, поради што се предлага централизирано командување и управување.

Реформата доаѓа во услови кога времето на одзив на Брзата помош во одредени случаи достигнува и до 30 или 40 минути. За споредба, во Словенија просечното време на пристигнување на медицински тим е меѓу седум и осум минути.

Покрај институционалните промени, Министерството најавува воведување на нов дигитален систем за управување со интервенциите. Софтверот ќе овозможи следење на возилата во реално време, автоматска навигација до местото на интервенција и подобра распределба на медицинските тимови.

Во план е и воведување камери во возилата и кај теренските екипи, преку кои специјалисти од болниците ќе можат во живо да ги следат интервенциите и да даваат инструкции додека пациентот сè уште се наоѓа на терен или е во транспорт кон болница.

Според најавите, целиот систем би требало да биде воспоставен во рок од пет до шест месеци.

Паралелно со реформата, Министерството ја финализира и постапката за набавка на 100 нови возила за Итната медицинска помош.

„Доколку нема административни пречки, очекуваме возилата да пристигнат во рок од два месеца“, изјави Алиу.

Податоците покажуваат дека проблемите во системот се наталожувале со години. Истражување на Центарот за граѓански комуникации објавено минатата година покажа дека во земјата недостигаат најмалку 52 тима за Итна медицинска помош за да се исполни законскиот минимум.

Најголем недостиг е регистриран во Скопје и Битола. Во последните осум години бројот на тимови е намален за 22, а половина од здравствените центри располагаат со помал број екипи од потребниот.

Во некои средини еден тим покрива околу 1.000 жители дневно, додека во други и до 40.000 жители, што создава значителни разлики во достапноста и квалитетот на услугите.

Од Министерството очекуваат новиот модел да донесе подобра координација, поефикасно користење на ресурсите и воспоставување унифицирани стандарди за работа, со крајна цел да се намали времето потребно за реакција во ситуации кога секоја минута може да биде пресудна.

Related posts

ТРАМП ПОВИКУВА НА ПРОТЕСТИ: „ВО ВТОРНИК ЌЕ МЕ УАПСАТ!“

ninja

Мицкоски: Кога ќе дојдеме на власт подготвени сме да репреговараме за Договорот со Бугарија, ако тоа не успее, ќе побараме 61 пратеник за негово поништување

ninja

Европа се соочува со критична точка во борбата против СИДА, туберкулоза и хепатитис

admin

За 10 години 25.000 стручни кадри ја напуштиле Македонија

admin

Реакции околу најавената протестна акција за поддршка на лидерите на УЧК во Хаг

admin

Бугарија влегува во нова политичка фаза по изборната победа на Румен Радев

admin