25.8 C
Скопје
5 јуни, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

ЕУ бараше со години, Владата конечно реагира: Доаѓа закон за високите раководители

Владата направи чекор кон една од најдолго најавуваните реформи во јавната администрација, откако собраниската Комисија за политички систем ја поддржа потребата од донесување Закон за високи раководители, со кој за првпат се воспоставува единствен систем за избор, оценување и разрешување на највисоките раководни позиции во државната управа, пишува Дојче Веле на македонски.

Предлог-законот, кој се носи со европско знаменце и е дел од реформската агенда поврзана со евроинтеграциите, има цел да воведе меритократски принципи во институциите што управуваат со значајни јавни ресурси и политики. Владата очекува дека новите правила ќе ја намалат политизацијата на управните структури и ќе ја зголемат одговорноста на директорите и државните секретари.

Законот доаѓа по повеќе од една деценија неуспешни обиди да се воспостави систем кој ќе обезбеди професионален избор на раководни кадри. Претходни верзии на законот беа подготвени во 2019 и 2022 година, но никогаш не стигнаа до усвојување.

Клучна промена: ограничување на в.д. статусот

Една од најзначајните новини е ограничувањето на функцијата „вршител на должност“, практика која со години беше предмет на критики од домашни и меѓународни организации.

Според предложеното решение, вршител на должност ќе може да биде именуван најмногу шест месеци и само во строго утврдени случаи – кога нема избран кандидат по конкурс, при предвремен престанок на мандатот или во случаи на подолга отсутност на носителот на функцијата.

Во изминатите години голем број институции функционираа со директори во в.д. статус, што според експертите создаваше зависност од политички центри на моќ и ја намалуваше институционалната стабилност.

Конкурси, рангирање и интервјуа

Законот предвидува сите високи раководители да бидат избирани преку јавни огласи, а кандидатите ќе поминуваат низ постапка на рангирање и интервјуирање. Во одредени случаи ќе може да се организира и дополнително тестирање.

При изборот ќе се земаат предвид стручноста, компетентноста и професионалните квалификации, додека институциите ќе имаат обврска да водат сметка и за правичната застапеност на заедниците и родовата рамнотежа.

Мандатот на високите раководители ќе трае пет години, освен ако со посебен закон не е предвидено поинаку.

Кои институции ќе бидат опфатени?

Законот ги опфаќа највисоките раководни позиции во министерствата, фондовите и низа државни институции, меѓу кои катастарот, агенциите за земјоделство, Централниот регистар, институциите за странски инвестиции и други органи кои имаат директно влијание врз услугите што ги добиваат граѓаните и компаниите.

Од неговата примена се исклучени секторите поврзани со безбедноста и одбраната, како и регулаторните тела и Државното правобранителство.

Реформа со европска тежина

Министерот за јавна администрација Горан Минчев оцени дека законот претставува дел од реформската агенда и е усогласен со принципите на СИГМА и барањата на Европската Унија.

За Брисел, професионализацијата на јавната администрација е една од клучните области во пристапните преговори. Во последните извештаи на Европската комисија редовно се нотираат слабости во системот на именувања, честите политички влијанија и недоволната отчетност на високите функционери.

Доколку биде усвоен во предложената форма, законот би можел да претставува една од најзначајните институционални реформи во јавната администрација во последната деценија. Но неговиот успех ќе зависи не толку од законскиот текст, колку од подготвеноста на политичките партии навистина да се откажат од практиката клучните позиции да ги третираат како партиски плен.

Related posts

НАТО министерски состанок – поддршка за Украина, Западен Балкан е од стратешко значење за Алијансата

admin

Кој е Петер Маѓар? Некогаш држел фотографија од Орбан на ѕидот во својата соба

admin

Судски процес против четворица обвинети за заговор за киднапирање на гувернерката на Мичиген

ninja

КОВАЧЕВСКИ ВЕЛИ ДЕКА СЕ СОГЛАСУВА СО АМБАСАДОРКАТА АГЕЛЕР ВО ОДНОС НА КОРУПЦИЈАТА, ПОВИКА ДА СЕ ПРИЈАВУВААТ НЕПРАВИЛНОСТИТЕ

ninja

Рама: Сите поглавја ги отворивме, од јануари нема да има плати под 500 евра

admin

Зеленски и Фицо разговараа за членството на Украина во ЕУ

admin