Креативните индустрии треба да станат составен дел од економската и развојната стратегија на Западен Балкан, порача генералниот секретар на Советот за регионална соработка (RCC), Амер Капетановиќ, на Министерскиот форум за креативна економија на Берлинскиот процес, што денеска се одржа во Херцег Нови.
Форумот, чиј домаќин е Црна Гора како актуелен претседавач со Берлинскиот процес, ги собра министрите задолжени за култура и претставниците од регионот и Европа за да разговараат за улогата на креативните индустрии во економскиот развој, вработувањето на младите и регионалната конкурентност.
„Западен Балкан не може да биде глобално конкурентен само врз основа на трошоците за работна сила. Мораме да се натпреваруваме со идеи, автентичност, дигитални вештини, култура, искуство и идентитет“, рече Капетановиќ за време на министерската дискусија.
Според него, креативните индустрии одамна не се само културна активност, туку економски сектор што создава работни места, генерира извозни приходи, привлекува туристи и придонесува за задржување на младите во регионот.
„Креативноста не е декорација. Креативноста е конкурентност“, нагласи Капетановиќ.
Тој оцени дека регионот располага со значителен креативен потенцијал, но дека недостасуваат механизми за негово претворање во одржлива економска вредност.
„Не ни недостига креативност; ни недостига индустриски систем. Не ни недостига талент; ни недостига обем. И не ни недостигаат приказни; ни недостигаат платформите што ќе им овозможат на тие приказни да создадат економска вредност“, рече тој.
Капетановиќ повика креативните индустрии да бидат поцврсто интегрирани во Заедничкиот регионален пазар, Планот за раст на Европската унија и пошироките политики за конкурентност.
Според него, креативната економија ги поврзува услугите, извозот, туризмот, иновациите, малите бизниси, развојот на вештини и вработувањето на младите, поради што треба да биде во центарот, а не на маргините на економските политики.
На форумот учествуваа министри и високи претставници од земјите од Западен Балкан, како и претставници на Обединетото Кралство и Британскиот совет, кој е еден од организаторите на настанот.
Форумот претставува продолжение на иницијативите започнати во рамките на британското претседавање со Берлинскиот процес во 2025 година, со цел зајакнување на регионалната соработка и развој на креативната економија како нов двигател на растот на Западен Балкан.

