Демократската унија за интеграција (ДУИ) побара итна оставка од градоначалникот на Тетово, Билал Касами, оценувајќи дека тој се обидува да го прикрие, како што велат, политичкиот и институционален неуспех со иницијативата за нови избори за Советот на Општина Тетово.
Во партиското соопштение се наведува дека Касами наместо да преземе одговорност за проблемите во општината, создава „вештачка политичка криза“ и бара алиби преку иницијативата за распуштање на Советот.
ДУИ тврди дека не предложила повторно усвојување на истата листа на имиња на улици што претходно беше укината од Уставниот суд. Според партијата, предложената листа содржи вкупно 67 имиња и, како што наведува, не може да биде основа за распуштање на Советот.
Партијата го повика Касами да соработува со советниците и политичките партии за решавање на прашањето во интерес на граѓаните, наместо да ја продлабочува политичката криза.
ДУИ исто така го обвини Касами дека нема политичка храброст да ја поддржи иницијативата за враќање на имињата на улиците и плоштадите и праша дали добил согласност од владиниот партнер ВМРО-ДПМНЕ за тоа прашање.
„Ако има волја, нека гласа. Ако нема храброст, нека каже јавно дека чека дозвола од своите владини партнери“, се наведува во реакцијата.
Партијата додава дека доколку Касами навистина сака избори, треба да поднесе оставка од функцијата градоначалник наместо да бара распуштање на Советот.
„Ако Билал Касами сака избори, нека не го жртвува Советот за да се спаси себеси. Нека поднесе оставка и нека се соочи со граѓаните на Тетово“, порача ДУИ.
Реакцијата следува по најавите на Касами поврзани со можноста за нови избори за Советот на Општина Тетово, во услови на политички спор околу имињата на улиците и плоштадите во градот.

