Кога во 2019 година тогашниот вицепремиер Бујар Османи ја најави изградбата на автопатот Скопје–Блаце, првичните проценки говореа за проект вреден околу 110 милиони евра. Седум години подоцна, изградбата на само 12 километри автопат достигна вредност од над 198 милиони евра, што го вбројува овој проект меѓу најскапите патни инфраструктурни зафати по километар во историјата на Северна Македонија.
Според актуелните податоци, автопатот Скопје–Блаце ќе се финансира со грант од 30,8 милиони евра и заем од 167,6 милиони евра обезбедени преку Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), а неговата изградба треба да биде завршена во рок од четири години. Вкупната вредност од 198,4 милиони евра претставува зголемување од речиси 80 проценти во однос на првичните проценки објавени во 2019 година.
Во моментот кога проектот беше промовиран, тогашниот министер за транспорт и врски Горан Сугарески предупредуваше дека конечната цена не може да биде утврдена сè додека не заврши проектирањето.
„Сумата од 110 милиони евра е кажана според првичните проценки, но за точната сума ќе треба да се почека проектирањето“, изјави тогаш Сугарески за Инбокс7.
Од кабинетот на Османи, пак, во 2019 година појаснуваа дека станува збор за прелиминарна проценка добиена врз основа на разговори со експерти и првични анализи на теренот.
Од четири тунели до комплексен инженерски зафат
Една од причините за драматичното зголемување на цената лежи во сложеноста на теренот на падините на Скопска Црна Гора. Првичниот проект предвидуваше четири тунели и девет мостови, но дополнителните геотехнички истражувања, измените на трасата и усогласувањето со современите стандарди за безбедност доведоа до значителни корекции.
Според сегашната проектна документација, трасата ќе опфати пет тунели, девет мостови, 11 потпатници, четири галерии и девет потпорни ѕидови, што ја прави една од технички најсложените патни делници изградени во земјата.
Дополнително, трасата мораше да биде поместена на одредени делови поради постојни индустриски објекти и гробишта, додека претходните проекти не ги исполнувале меѓународните стандарди за вентилација, противпожарна заштита и евакуација во тунелите.
Повторување на старото сценарио?
Историјата на големите инфраструктурни проекти во Северна Македонија покажува дека првичните проценки ретко остануваат конечни.
Автопатот Демир Капија–Смоквица беше најавен со вредност од околу 210 милиони евра, а заврши со цена од 228 милиони евра. Автопатот Миладиновци–Штип, првично проценет на 104 милиони евра, на крајот чинеше 206 милиони евра.
Најдрастичен останува случајот со автопатот Кичево–Охрид. Проектот првично беше проценет на околу 374 милиони евра, но по серија дополнителни работи и пролонгирања, неговата вредност достигна приближно 600 милиони евра.
Во јавноста останаа запаметени и прислушуваните разговори објавени во таканаречените „бомби“, кои отворија сомнежи за начинот на кој биле договарани вредностите на дел од инфраструктурните проекти во периодот на владата на Никола Груевски. Дали истиот модел се применувал и во владите на Зоран Заев, за тоа барем досега нема прислушкувани материали.
Колку чини километар автопат?
Со вкупна вредност од 198,4 милиони евра и должина од околу 12 километри, автопатот Скопје–Блаце ќе чини приближно 16,5 милиони евра по километар.
За споредба:
Автопатот Миладиновци–Штип чинеше околу 4,4 милиони евра по километар
Автопатот Кичево–Охрид, по сите дополнителни трошоци, достигна цена од околу 10,5 милиони евра по километар
Првичната проценка за Скопје–Блаце во 2019 година изнесуваше околу 9,2 милиони евра по километар
Тоа значи дека, според сегашните финансиски параметри, Скопје–Блаце би можел да стане најскапиот автопат изграден во Северна Македонија по единица должина.
Стратешки проект со висока цена
Властите тврдат дека високата цена е оправдана поради сложената конфигурација на теренот и стратешкото значење на коридорот. Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски, изјави дека процедурите за избор на надзор се во завршна фаза, додека изградбата на главната делница ќе ја реализира конзорциум предводен од компанијата Гранит.
Министерот за транспорт и врски Александар Николоски оцени дека автопатот претставува клучна врска со Косово и пошироката регионална транспортна мрежа, која треба да овозможи побрз проток на луѓе и стоки.
Но, искуствата од претходните големи инфраструктурни проекти отвораат прашање дали сегашната цена од речиси 200 милиони евра ќе остане конечна или, како и во повеќето претходни случаи, граѓаните ќе се соочат со нови дополнителни трошоци пред последниот километар асфалт да биде поставен.

