Германската полиција распиша потерница по 21-годишен маж осомничен за смртоносниот напад на маргините на Парадата на гордоста (Кристофер Стрит Деј – ЦСД) во Берлин, во кој загина едно лице, а 16 беа повредени, од кои тројца се во животна опасност.
Полицијата ги предупреди граѓаните да не му пристапуваат на осомничениот, наведувајќи дека е „можеби вооружен и опасен“. Според објавените информации, станува збор за маж висок околу 1,90 метри со црна коса, а објавена е и негова фотографија.
Според истрагата, осомничениот Абдул Б. во саботата околу 22 часот со возило удрил во повеќе лица во паркот Тиргартен, во близина на Бранденбуршката порта. Возилото потоа удрило во дрво, а едно или повеќе лица избегале од местото на настанот. Истражителите проверуваат и информации дека дел од повредените можеби биле нападнати со остри предмети.
Во потрагата се вклучени неколку стотици полицајци, специјални единици и хеликоптери со термални камери. Полицијата соопшти дека осомничениот претходно им бил познат на безбедносните служби како лице поврзано со исламистичката сцена во Берлин, но нагласи дека мотивот за нападот сè уште не е утврден.
Нападот се случи за време на одбележувањето на Кристофер Стрит Деј, една од најголемите ЛГБТК+ манифестации во Европа, на која учествуваа стотици илјади луѓе. По инцидентот организаторите ја прекинаа манифестацијата и ги повикаа учесниците да го напуштат местото.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц го осуди нападот, оценувајќи дека станува збор за „напад врз нашето општество“.
„Стотици илјади луѓе мирно славеа и испратија порака за почит и толеранција. Ова грозоморно злосторство ќе биде темелно истражено, а сторителите ќе бидат изведени пред лицето на правдата“, порача Мерц.
Министерот за внатрешни работи Александер Добринт нападот го нарече „кукавички и одвратен“, додавајќи дека федералните и покраинските безбедносни служби прават сè за брзо да го расветлат случајот и да ги изведат виновниците пред правдата.
Истрагата продолжува, а германските власти засега не соопштуваат дали нападот официјално се третира како терористички акт.

